Силвана Бонева вчера се најде во центарот на вниманието и на мета на напади во медиумите и на социјалните мрежи, откако беше објавена веста дека за шест месеци наплатила 12.000 евра патни трошоци од ДИК, објави телевизија Алсат М. Бонева, со цел да и појасни на јавноста за што точно се работи, го контактираше ,,Фокус,, а нејзината изјава ви ја пренесуваме во целост.
,,За секое доаѓање на работен состанок или седница, кога сум патувала од Струмица до Скопје и обратно, исплатени се патни трошоци согласно со члн 27 втора точка од законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица во РМ и одлука на ДИК, по која се исплаќаат патни трошоци за сите избрани и именувани лица од министри, пратеници, членови на различни комисии… а не само мене. Јас не користам службено возило, за кое сите трошоци за одржување, регистрација, осигурување и бензин се на сметка на ДИК, туку ми се исплаќа надоместок за одржување, бензин, амортизација на возилото од поминат километар, за седници и работни состаноци согласно закон, кој е на сила од 1990 година. За деновите кога немаме седници или работни состаноци, а доаѓам на работа, не ми се исплаќаат патни трошоци. Во одговорот на ДИК на писменото барање до Утрински има наведено од кое место на живеење патува секој член и кој користи службена кола, а трошоците комплетно за се, се на сметка на ДИК. Можете да побарате и одговор од ДИК. Пресметките за исплата се направени согласно законот!,,- раскажа Силвана. Таа не негира дека сумата од 12.000 евра е точна, но додава дека не станува збор само за гориво, туку и за голем број на други трошоци околу одржување на возилото.
,,Да, тука се сите трошоци од регистрација, сервиси, масло,гуми, поправки… додека оние кои возат служени возила, без оглед колку пати ќе пукне гума, колкава ќе е сумата ако нешто откаже на колата и сите други трошоци се на сметка на ДИК, а не само трошокот за бензин кој го спомнуваат одредени медиуми. Овие податоци за одржување на служените возила не се дадени од ДИК бидејки не беа барани.
Не дај Боже да ти отидат амортизерите од некои одрони или да имаш сообраќајка, се е на твој трошок од тие пари, за разлика од службените каде се е на државен трошок,, -вели Бонева додавајќи дека е срамно да се критикува нешто кое што е пресметано од експерти уште пред 1990 година, а влегло во закон во 1990, затоа што толку чинел трошокот и надоместокот за амортизација на возилото, без при тоа да стане збор и за фактот дека политичарите од внатрешноста, за разлика од оние од Скопје возат и по неколку часа на ден за да стигнат на работа.
Ова не е прв пат таа да биде на удар на јавноста. Претходно медиумите објавија дека за една година за патни трошоци зела 23.000 евра.
Вики Клинчарова