Швајцарскиот весник „НЦЦ“ во текстот „Никола Груевски- малиот диктатор“ пишува дека премиерот, кој е на власт од 2006 година, во земјата „инсталираше полуавторитарен режим“. Во тоа, според весникот, му помага грчката политика на блокада.
„Кога во Брисел и во европските главни градови станува збор за Западниот Балкан, Македонија е ретко тема.(…) За меѓународните медиуми Македонија е црна дамка. Само монументалниот проект за обнова на градот ‘Скопје 2014’, еден вид национален тематски парк, одвреме навреме привлекува новинари во земјата: Овој обид да се скрои историски идентитет, предизвикува исмејување.
Скапи подароци
Напротив, Македонија е тема, дури школски пример, кога станува збор за трендот, кој политикологот од Грац Флоријан Бибер го опишува како ‘авторитарно искушение’ на Југоисточна Европа: слаби држави, чии институции се користени од владејачките партии, за да се згрижат приврзeниците и со перманентни кампањи идеолошки да се држат будни. Бидејќи медиумите се зависни од владата и правосудните органи се слаби, во јавниот простор во кој доминира државата опозицијата е успешно потисната на маргините. Овој модел во нијанси се етаблираше од Грција до Унгарија, од Србија до Романија во и вон ЕУ.
Она што Македонија ја чини специфична е консеквентноста со која премиерот Никола Груевски етаблираше авторитарна полудемократија. Од 2006 година тој е премиер (…) Неговото владеење почива на три потпори: една идеологија на закана однадвор и одвнатре, една хомогена историска слика за националната заедница како и ефикасна контрола на институциите и медиумите. Сето ова чини скапо, и токму тоа е Ахиловата пета на системот. Тој функционира само, додека послушниците материјално можат да бидат обезбедени. Во економски слабата Македонија долгорочно ова станува проблем.