Шенки Малани од Арачиново, познат како Шенки Версаче, еден од најголемите фанови на светски познатиот моден бренд во земјава, планира наскоро да ја донесе популарната модна креаторка Донатела Версаче во Скопје, на отворањето на неговиот кафе бар ,,Версаче,, кој што ќе биде сместен во трговскиот центар Мавровка. Вели дека исто како и во неговата куќа, така и во кафе барот се ќе биде во знакот на Версаче, и е сигурен дека местото ќе биде вистинска атракција.
,,Мојата опсесија со брендот Версаче започна уште во 2009 година. Започнав да купувам облека од Версаче, а потоа и целата куќа ја уредив во знакот на мојот омилен бренд. Ги брендирав и автомобилите, базенот, дома секое парче мебел е од Версаче, дури и плочките во кујна. Мојот накит, козметика, постелнина, теписи, завеси, садови, нема нешто, а да не е брендирано. Затоа и кафе барот ќе биде среден во мојот препознатлив знак за лична идентификација, а планирам да ја поканам и легендарната Донатела на отворањето,, – вели триесетгодишниот Шенки, кој што имал приватен бизнис со автомобили. Додава дека неговото хоби е скапо, но ужива максимално во своето опкружување, и не жали за секој денар потрошен на производите на Версаче.
,,Уредувањето на куќата и базенот ме чинеа околу еден милион евра. Сите оригинални производи ги купувам во Италија. Веќе дванаесет години работам, имам добар бизнис и не жалам да потрошам пари за нешто кое што ми е еден вид на знак на распознавање, мој печат. Во гардероберот имам буквално се од Версаче, од капа до чорапи. Неодамна купив боксерки од 188 евра, чорапи од 45 евра. Го живеам мојот Версаче сон и задоволен сум,, – раскажува Шенки од Арачиново. Тој вели дека наскоро планира да го смени и презимето, па и официјално да стане Версаче, бидејќи сите така и го препознаваат.
,,Постојано добивам понуди од разни телевизии од регионот кои што сакаат да дојдат кај мене и да снимаат, да направиме интервју. Ми се јавуваат од Србија, Косово, Албанија… Не сум прифатил ниту една понуда досега, бидејќи сум зафатен, имам работни обврски. А знам дека кај мене има доста интересен материјал, бидејќи секој кој што ме посетил дома, се зачудил и се воодушевил. Кога ми доаѓаат гости од страна, гледаат дека и кај нас во Македонија може да се живее убаво, ако се работи вредно. Не планирам да запрам овде, ќе го декорирам кафе барот, исто како што го декорирав мојот дом, автомобилите… Сето ова ми е голем ќеф и ми го исполнува животот,, – раскажа за ,,Фокус,, Шенки Версаче.
Вики Клинчарова