Шефови на министерства, општини и агенции не се пр агенти, туку управители назначени за делување

Градоначалникот на Скопје, а и сите други политичари, би требало да бидат повнимателни во давање на изјави поврзани со некаков криминал или злоупотреби. Во конкретниот случај со Дрисла, Градоначалникот набедува приватна фирма за сериозни прекршувања. Оваа фирма е странски инвеститор (барем така знаеме на хартија) и додека не се докаже нивната злоупотреба – тогаш тие се невини. Што ако тужат и Градоначалникот треба да плати казна? Од џеб ќе вади или општината (т.е. ние) ќе плаќа?

Второ, уште побитно е дека Градоначалникот лефтерно си кажува за некаков радиоактивен отпад, мирно си седи и слика жичари, а ние треба тоа онака сталожено да го примиме како информација. Хелооооу, за радиоактивен отпад и опасни супстанци за масовно уништување зборува човекот!!!!????

Шефе, или делуваш веднаш по такви сознанија со специјалци, единици за брзо распоредување и што уште не, или си ќутиш. Создавање паника меѓу населението без конкретни точни информации е подла и (треба да е) казнива работа.

Следиме дека се зголемува тенденцијата разни министри, градоначалници и директори на агенции да мафтаат со разни документи и да објавуваат сензации за одредени злоупотреби од претходната власт. Веројатно треба постојано да им укажуваме дека од нив се очекува да делуваат, а информацијата за злоупотребите и евентуалните казни да ги соопштуваат надлежни институции. Индиции за сите овие злоупотреби ние ги знае(в)ме и претходно и затоа на изборите имаше такви резултати. Наместо да се чудат, политичарите треба да делуваат бидејќи за тоа се платени.

Меѓу луѓето се’ повеќе има мислење дека сегашната гарнитура нема да преземе конкретни чекори за санкционирање на злоупотребите. Целиот овој театар им треба за да си ги измијат рацете од претходните ветувања (демек еве ние објавивме за злоупотребите), а за претходните злоупотреби ништо нема да преземат. Луѓето велат “врана на врана очи не си вади” и затоа нема да има разрешници. Само да им порачаме: ако делуваат и санкционираат прекршители и злосторници – ќе владеат долго. Ако се фемкаат и не спроведуваат – ќе владеат кратко. Во вториот случај, никој не им гарантира дека во случај другите да се вратат, ќе бидат поштедени од казнивост.

ПС Се наоѓаме во многу деликатна состојба. Барем јас. Премногу критика за оваа власт, создава оптимизам кај некои дека Груевски може да се врати. Тоа не смееме да го дозволиме. Во ниеден случај груевизмот не смее да се врати. Но не смееме да дозволиме груевизмот да продолжи преку оваа власт со ист интензитет и форма, но со друго име.

Пишува: Венко ГЛИГОРОВ