СДСМ: Пропустите во изградбата на автопатите покажува дека ВМРО-ДПМНЕ се грижеле единствено за богатење на партиското раководство

by Fokus

СДСМ ја обвини претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ дека од неспособност и од алчност за провизии предизвикала штета околу изградбата на автопатиштата која е речиси еднаква на едногодишните субвенции на земјоделците, нагласувајќи, патем, дека тие редовно доцнеа.

– Пропустите во изградбата на автопатните делници Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип  докажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ за време на 11-годишното владеење наместо за интересите и потребите на граѓаните, единствено се грижеше за богатење на партиското раководство. Неспособноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и брзањето да се земат договорените провизии, за кои целата јавност можеше да чуе, резултираа со огромни пропусти во изградбата на автопатиштата, кои, според првичните проценки, ќе чинат повеќе од 100 милиони евра, пари на граѓаните – се наведува во партиското соопштение.

Според нив, изнудените дополнителни трошоци направени поради неспособноста на претходната влада одат на директна штета на граѓаните и чинат речиси колку и вкупните субвенции за една година за сите земјоделци во Македонија што претходната Влада ги исплаќаше со големи задоцнувања.

– За сметка на личното богатење, Никола Груевски и неговите соработници го осиромашија буџетот и истовремено го нарушија угледот на Македонија“, реагираат од СДСМ порачувајќи дека новата влада ќе најде решение за пропустите и проектите ќе се реализираат во интерес на граѓаните. Според нив, ќе има целосна ревизија на сите почнати инфраструктурни проекти, а за секоја докажана злоупотреба на парите на граѓаните ќе следува одговорност – продолжува понатаму во соопштението.

Поврзани новости