Преспанска Ибица за малку пари

by Fokus
Плажата ,,Конект бич на Преспанско Езеро, во близнина на Сливница, Ресен, е новата хит дестинација на ресенчани, битолчани, но и на туристи од целата земја.
Уредена по терк на светски познатите плажи, со лежалки, педалинки, летни коктели, но и интересна дневна и ноќна забавна програма, таа привлекува илјадници туристи секојдневно.
Освен песочната плажа, коктел барот и ресторанот каде се нудат вкусни специјалитети, музичките гости, турнирите во одбојка на плажа, модните ревии на костими за капење, ,,Конект бич нуди и цени достапни за џебот на македонецот.
,,Плажата е отворена од минатата година и секојдневно работиме на нејзино усовршување. Имаме 800 лежалки, голем ресторан со најразлични специјалитети, коктел бар, ресторан за брза храна, игралиште со детски реквизити. Значи, забава за сите возрасти – раскажува менаџерот Валентин Стојановски.
Тој додава дека во ноќните часови исто така се организираат разни забави и концерти, на кои што се случува да присуствуваат и по 4.000 до 5.000 гости.
,,Групата Куку леле, Владо Јаневски, Туше, Адути бенд и Деси, Миле Кузмановски, Драган Мијалковски, Ален Хасановиќ и многу други музички имиња се задолжени за добрата забава во тек на летото. За оние туристи, кои сакаат да останат подолг период, на 800 метри од плажата се наоѓаат голем број на приватни викендички, каде може да се изнајми апартман. Цените за сместување се доста пристапни, се движат од околу 600 денари за ноќ, па нагоре.Се трудиме да го заживееме Преспанското Езеро, и задоволни сме од посетеноста – вели тој.
Во изминатиов период, се нудел и организиран превоз од Битола и назад, а исто така плажата имала и бесплатен паркинг простор за 2.000 возила.
,,Се решивме да понудиме пристапни цени за сечиј џеб и нашите цени се исти како и во било кој локал во внатрешноста. На пример, разни видови на кафе се нудат по 50 денари, безалкохолни пијалоци по 70 денари, порција белвица 120 денари, порција крап е 250 денари, голема ловечка плескавица со гарнир изнесува 170 денари. Нудиме и брза храна, разни сендвичи, десерти… Драго ни е што ,,Конект бич станува се популарна дестинација – изјави Стојановски.
Вики Клинчарова

Поврзани новости