Потпреседателот на СДСМ, Мухамед Зекири на неговиот Фејсбук профил постираше религиозна изрека од пророкот Мухамед која често се користи во контекст на осуда на хомосексуалноста. Зекири за Фокус вели дека тој е против хомосексуалноста и геј браковите и тоа претставува негов личен став, иако социјалдемократските партии се залагаат за вредности спротивни на неговите верувања.
„Јас сум теолог и сум против геј бракови и против хомосексуалноста, тоа е мој личен став“. Вака за Фокус потпретседателот на владејачката СДСМ, Мухамед Зекири го коментира својот напис на Фејсбук кој претставува извадок од изрека на пророкот Мухамед која често се користи во контекст на осуда на хомосексуалноста.
Иако социјалдемократијата во Европа и светот се залага за унапредување на состојбата со човековите права, особено на маргинализираните заедници меѓу кои е и ЛГБТИ заедницата, потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири смета дека хомосексуалноста е за секаква осуда.
Во религиозниот извадок на Фејсбук според аматерскиот превод кој го побаравме од луѓе кои го говорат албанскиот јазик кои ги консултиравме се вели „Да биде проклет оној што го прави тоа што го прават луѓето на Лот. Да биде проклет тој што ќе убие некој во нечие име, освен во име на Бог. Да биде проколнат тој што имал односи со животни. Да биде проклет тој што е непослушен на своите родители. Да биде проколнат тој што ќе ја омажи неговата жена или ќерка“.
Реферирањето на пророштвото на Лот традиционално се користи за да го демонстрира неодобрувањето на Исламот за силувањето и хомосексуалноста.
Зекири и самиот за Фокус го потврди овој став и изјави дека се работи за зборови на пророкот Мухамед.
„Апсолутно сум против хомосексуалноста, како и против геј браковите, тоа не го кријам и е мој личен став, секој има право на свои ставови“, изјави Зекири за Фокус. За тоа како овие ставови се вклопуваат во социјалдемократските вредности кои тој како потпретседател на СДСМ треба да ги споделува Зекири вели дека секогаш имало исклучоци од таквата пракса.
„Јас како личност имам право да имам ставови за одредени прашања, кои не секогаш се исти со партијата“, додава тој.
На прашањето дали е свесен за можните реперкусии од неговите јавно искажани ставови врз ЛГБТ заедницата како една од маргинализираните заедници во земјата, Зекири изјави дека не верува дека ќе има некакви последици поради испратените пораки.
ДУИ ги актуелизираше геј браковите
Прашањето за геј браковите и хомосексуалноста во јавноста, особено во албанската заедница се актуелизираше откако вчера во Собранието пратеникот на ДУИ, Бранко Манојловски побара да се легализираат истополовите бракови во Македонија.
Според него, геј луѓето биле прекрасни и треба да добијат еднакви права.
„Многу прекрасни луѓе. Треба да им се дадат сите права на хомосексуалците во оваа држава. Сите, дури и правото на брак. Ќе речете, зошто тоа? Еве зошто. Тие заедно работеле и направиле една куќа, и едниот умрел потоа. И сега, тој не може да ја наследи куќата затоа што бил хомосексуалец“, изјави вчера Манојловски.
Со конзервативните ставови кои подоцна преку Фејсбук ги упати Мухамед Зекири, на вчерашната седница се согласија и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Африм Гаши од партијата БЕСА.
„Ако некои држави одлучиле девијантни појави да бидат легализирани во еднополови бракови и ако тоа не одговара со семејната и традиционална определба во општеството во Македонија, не мора сите лоши работи да ги увезуваме“, рече Антонио Милошоски.
Африм Гаши пак рече дека е убеден дека во Македонија има конзервативно општество каде семејството е точно утврдено дека се состои од маж и жена и дека семејството треба да има деца. „Ние треба да ги прокламираме овие вредности“, додаде Гаши.
Кристина Озимец