Шарената револуција, по пауза од три месеци денеска се реактивира со попладневен собир за поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство.
Стотици луѓе во моментов се наоѓаат пред Собранието, а бројот на демонстранти постојано се зголемува. Шарените командоси пред Собранието ја оставија и својата „муниција” од кофи со боја и валјаци.
Шарената револуција денес протестира за поддршка на СЈО оти институцијата повторно е под напад на, како што велат, режимските гласноговорници.
-Власта со која сè уште управува обвинетиот Груевски, ја користи секоја можност за да ја блокира работата на оваа институција. Судиите од тефтерот на Горде продолжуваат да ги одбиваат барањата за притвор, го укинаа единственото што беше прифатено и го вратија едниот обвинителен предлог што СЈО го поднесе до кривичното одделение, поради причина која не им е проблем кога постапуваат по предметите на Зврлевски. Уставниот суд сè уште нема закажано седница на која ќе се разгледува иницијативата за уставноста на СЈО. Пратениците од ДПМНЕ одбиваат секаква поддршка за СЈО. Одбиваат да ги донесат потребните законски измени за заштита на сведоци и на свиркачи, одбиваат да го продолжат рокот за работење на СЈО, а собраниската говорница ја користат само за дискредитација на Катица Јанева и на институцијата што таа ја претставува- стоеше во повикот за собир на Шарената револуција објавен на Фејсбук.