Еден адвокат ни кажа, правото и правдината немаат ништо заедничко… и навистина е така…. Еве помина цела година и не се случи ама баш ништо. Освен, што нашата Анамарија е два метра под земја, над земјата и натаму слободно се шетаат многумина кои рацете им се целите во крв, а нив ни мува не ги лази. Грижа на совест… тоа е за обичните луѓе…. за нас. Повеќето од оние кои се дел од здравствениот или судскиот систем се оперирани од оваа болест. Нивниот имунитет е толку многу силен, што остава впечаток дека најдобро во нашава државава е да си лекар. Што и да направиш се ти се простува….си сакал да помогнеш. И, ако интервенираш и ако не интервенираш (и ако си пијан, и ако незнаеш) се е оправдано, се е медицински издржано, се е според протоколот. Само, едно не ни е јасно, во кој протокол пишува дека во болница се умира за неколку часа и тоа од обична настинка. Ние сме само обични луѓе, кои се трудат логично да ги поврзат сликите …..акција-реакција, причина –последица, но некако не ни оди… Повеќе од 12 години, речиси и не знаевме што се тоа доктори, а еднаш кога ни притребаа сфативме дека повеќе никогаш нема да ни требаат.
Некои грешки никогаш не се поправаат. Нашата Анамарија, првпат на нозе ја однесовме на Клиника…. и не ја вративме ….. за два-три часа ја препратија во Бутел. Се било според протоколите, лекарите постапиле супер, ама таква е медицината се е можно дури и смртта за неколку часа е нормална (и особено честа) во Македонија. И, никој ништо не им може…ни правдата, ни фелата, ни државата. Еден од специјалистите убаво и во лице ни ја плесна вистината……треба да знаете каде живеете, свесени ли си сте кој се е доктор …..Има и меѓу нив луѓе (што се во вистинска смисла се доктори)….но жал не зборуваат јавно против своите колеги… И, органите на прогонот молчат… и државата молчи. Всушност од Министерството за здравство веднаш реагираа- формираа две независни комисии со вработени од Клиниките и од Министерството, за да ја утврдат вистината. Особено независна беше онаа од повисок ранг, Второстепената комисија, а со неа раководеше директорката на Детска клиника, а педијатар од Детска и ја даде на Анамарија смртоносната терапија со албумини. Констатираа се било во ред (и тоа што за еден час со инфузија и го качија шеќерот до бесвест и тоа што не повикаа стручна помош и тоа што на своја рака и дадоа албумини и тоа што не обезбедија задолжително присуство на анестезиолог и што ја реанимираат без електро шокови и што не ја направија обдукцијата задолжителна ако пациент им почине 24 часа по приемот…. ). Ама така е тоа, како вели народот кадија те тужи – кадија те суди.
И, ние роднините да си формираме една таква независна комисија досега ќе ги осудевме. Вака западнавме во судските лавиринти, а оттаму чиниш нема излез. Нема ни движење, во болница некако брзо те решаваат…. за неколку часа добиваш гробна парцела, ама до Идризово е многу потешко. Дадовме изјави пред јавен обвинител и толку. Во државата има и поважни работи од смртта на едно дете. Ние ја направивме грешката и скапо ја плативме… Ја однесовме нашата прва рожба на Клиниката за инфективни болести и веќе никогаш не ја видовме….. Од тој кобен јануарски ден (29.01 2015) сонот си замина од нашиот дом. Всушност и ние умираме секоја вечер, но наутро повторно се раѓаме со мислата што направивме, каде ја однесовме, зошто згрешивме…никако не можеме да си простиме што поверувавме дека во државава постои јавно здравство (дотолку, повеќе што можевме да си дозволиме и приватна болница)
….. И кога сме кај простувањето, сигурни сме дека вашите колеги веќе одамна ви простиле (што да очекуваш друго кога зад нив стои една млитава Лекарска комора која реагира како ,,по свадба- тапани,, и тоа најчесто откако ќе изреагира министерот). Колеги се, имаат разбирање со оглед на условите во кои се работи. Храброст (или капацитет) јавно да проговорат, да отворат дискусија, имаат само кога се во прашање лекарските права, но кога се грешките во прашање тоа во држава е табу тема. Потоа се чудат од каде толкава недоверба во белиот мантил. Но, и тоа е нивно право…да стават под тепих нечие незнање…па нели се колеги . (А, како бурно реагираат кога е нивниот живот во прашање… на ум ми паѓа пукањето во Дигестивна, цела клиника беше затворена неколку дена…. додека оние во бели мантили не закрепнат од шокот. Замислете што би се случувало ако вака ,,докторски,, реагираат и во полицијата, војската, медиумите…. сегде стресови, сегде опасно по живот …. цела држава да ја затвориме на неколку дена)
Но и државата одамна им прости… имаме недостиг од доктори. Знаеле или не, пијани биле или трезни, доктори се доктори- мора да ги има (стажираат, учат на пациенти)…. грешеле ненамерно… И, судот можеби ќе им прости. Се отворија дури два предмета кои најверојатно ќе завршат во некоја архива. ….Така е тоа во Македонија, лекарите по се изгледа се толку многу добри и бесмислено е да се судат за грешки при работа . На памет ми паѓа само еден , но да речеме дека на прсти се бројат оние на кои им е изречена некаква казна за лекарска грешка. А, за тоа колку грешки се прават впечаток ми остави следниов текст:
Нема официјални податоци колку смртни случаи годишно има во Македонија како резултат на лекарски грешки. Се шпекулира дека се меѓу 600 – 2.000 годишно, што е повеќе од бројот на жртвите од сообраќајни несреќи во државава како и од починатите од природна смрт.
„Тоа се алармантни податоци кои, за жал, се кријат од јавноста од страна на надлежните, пред се’ од Министерството за здравство. Доколку би постоеле транспарентни и јавни извештаи во извесна мера не би се повторувале исти лекарски грешки. Тие не се секогаш последица на индивидуални пропусти, каков што беше неодамнешниот случај со починатата родилка и нејзиното бебе во гевгелиската болница. Туку постојат и многу системски пропусти“, вели д-р Владимир Лазаревик од „Хелтгрупер“, истражувачка организација за реформи во разни области во здравството.
Тој посочува дека светските статистики покажуваат дека медицински грешки, со кобни последици за пациентите, се случуваат секаде, и во најразвиените земји. Па, и Македонија, за жал, не е исклучок. Но, дека тоа во никој случај не значи дека не треба да се превенираат состојбите, а докторските грешки да се кријат од јавноста.
Во развиените земји, објаснува Лазаревик, постои долгогодишна практика, да се води евиденција и да се прават годишни извештаи за сите лекарски грешки во болниците кои предизвикале смрт кај пациентите. Без разлика дали станува збор за грешка на докторот, на дадената терапија или на некои други работи кои придонеле за компликација кај болните.
Сепак на денот кога целиот христијански свет си простува ние им велиме –ПРОСТЕТЕ, ШТО НЕ МОЖЕМЕ ДА ВИ ПРОСТИМЕ ….Сеуште спокојно си живеете во надеж дека белиот мантил ви гарантира имунитет поголем од дипломатскиот. И имате право, во државава најтешко е да осудиш лекар, недопирливи сте, дури ни лиценцата не можат да ви одземат, а камо ли привремено да ве суспендираат.
Живееме во надеж дека доколку им останало нешто човечко под тој мантил, ќе дојде мигот кога слободата ќе им биде најголемо ропство. Толку големо што ќе посакаат самите да одат во затвор. Во затвор се оди и за помали грешки, а не за убиство, без разлика дали е со умисла или не, дали е од небрежност или незнаење, сеедно човекот го нема.
Но ние сме интелектуалци, мислата е нашето најмоќно оружје. Со нашите мисли секојдневно ќе ве прoгонуваме…. се додека самите не сфатите дека судската разврска е олеснување и за нас и за вас. Ние се согласуваме на се…. и на детектор за лаги и на вештаци од странство и на се што е потребно …. за Анамарија да биде последниот трагичен документ во клиничката пракса…. да не се повтори. Ние најверојатно никогаш повеќе нема да стапнеме на Клиника, барем не додека работите не се изменат, но секојдневно ќе се молиме за пациентите особено за оние кои се во вашите раце (БП и КС од Клиниката за инфективни болести и ВМ од Клиниката за детски болести)…. за да не ги снајде нашата судбина
Ова се слики од девојчето полно со живот и амбиции, за докторките од инфективна и онаа од Детска да не ја заборават оваа убавина … Секој ден да им се појавува и да ,,им разбиструва мислата“.
Уште нешто што верувам дека дотичните докторки не го знаат. Анамарија, иако имаше само 12 години беше вистинска поетеса, пишуваше поезија, добиваше награди, а набрзо требаше да објави и збирка. Вака таа размислуваше во стихови:
НЕ ПЛАШИ СЕ
Еден миг,
само еден миг
е доволно за да згане се
да згасне пред огнот да не изгори
и да не стори пепел.
Не плаши се
не сум судија
да пресудан смртна казна.
Не сум ноќ да те облеам во црно,
ниту чума родот да ти уништам.
Само сум сенка што те следи,
и ќе те следи, засекогаш
Анамарија С.
7-4 ОУ Ѓорѓија Пулевски
Една година без светлината Анамарија
Твоето отсуство те прави уште порисутна во нашите души и срца.
Не бараме прошка, но како татко ќе кажам:
ИЗВИНИ ќерко Анамарија
Должноста на секој родител е да го чува своето дете.Извини ќерко, прости ми, јас не успеав да те сочувам.Таму каде што требаше да бидеш најбезбедна…Те однесов во болница и не успеав да те вратам.
…Се уште ги гледам твоите очиња како светкаат, го пијат секој мој збор и веруваат во него до последен здив.Твојот идол те предаде во рацете на белите мантили…ИЗВИНИ убавицо моја.
Ја сакам правдината, а не правото за Анамарија
Ние сеуште одиме во црква и веруваме во Бог, а и вие докторки каде одите и на што се молите?