Охриѓани за земјотресите: Рихтер повеќе ги дрма скопјани, отколку нас!

by fokus

Земјотресите во Охрид повеќе ги дрмаат скопјани, отколку охриѓани – велат на шега жители на Охрид, по низата на земјотреси кои никако да се смират изминатиов период. Појаснуваат дека причината за големата вознемиреност на сккопјани е тоа, што токму тие во најголем број имаат закупено шанкови на охридските плажи, но и изнајмуваат станови и апартмани, па значително намалениот број на туристи ги погодува директно во џеб, во ек на сезона.

,,На сите попознати и популарни плажи, скопјани газдуваат и имаат шанкови, не само оваа, туку и во годините наназад. Исто е и со апартманите кои се изнајмуваат на туристи, голем број од нив се во сопственост на скопјани. Затоа ние, охриѓаните, на сета мака, имаме сила и да се пошегуваме на нивна сметка, бидејќи ги гледаме како се нервираат поради малиот број на гости” – раскажува продуцентот Ване Петкоски, кој деновиве бил ангажиран околу снимање на спотови на повеќе охридски плажи и ги слушал поплаките на скопските угостители. Тој додава дека во споредба со лани, бројот на гости во Охрид е преполовен. Сепак, вели дека точната состојба со туристите ќе се знае по викендот, оти секоја година најголемиот бран на гости доаѓал по десетти јули.

,,Цените за сместување, но и во локалите се исти, нема попусти поради актуелната состојба, како што се шпекулира, и кревет генерално се нуди за триста денари од ноќ, како и во годините наназад. Реално, охриѓани веќе свикнавме на земјотресите, дури и си правиме шеги на наша сметка. ,,Сместување на седми кат, триста денари од кревет, сместување во двор, 1.000 денари од кревет”, ,,Фрапе по цена од 150 денари, оти земјотрес го мател” ,,Охридска пастрмка 400 денари, охридска тересена пастрмка 700 денари”, ,,Бакрачески во светските реклами да ги вклучи и земјотресите како главна атракција” и многу други нови шеги ни донесе новата ситуација, но се справуваме со позитивни мисли. Нема паника, како на почетокот, само што наутро се будиме малку ненаспани, инаку функционираме нормално и сме во очекување на гости” – вели Петкоски.

Земјотресите не стивнаа и минатата ноќ. Најсилниот со магнитуда од 3,7 степени според Рихер е регистриран изутринава во 7:18 часот. Две минути пред овој земјотрес е евидентиран уште еден со Рихтерова магнитуда од 3,3 степени. Преостанатите четири земјотреси се случија во 1:07 часот по полноќ со манитуда од 3,3 степени, во 2:52 часот (2 степена), во 4:32 часот (3,1 степен) и во 6:54 со магнитуда од 2,8 степени.

Вики Клинчарова

Поврзани новости