Откако пред 5 години не успеа обидот за промена на државниот грб, кој единствено претрпе минимална корекција со отстранување на петокраката, сега Македонија најверојатно ќе добие нов грб.
– Владата усвои нацрт-закон за државен грб, ќе следува јавна расправа – ни изјави владиниот портпарол Александар Георгиев, откако медиумите ја лансираа информацијата и фотографијата на новиот грб.
Инаку, Членот 5 од Уставот предвидува дека покрај знамето и химната, во државните симболи уште спаѓа и грбот, кој се уредива со закон, за чие донесување неопходно е двотретинско мнозинство.
Се уште актуелниот Закон за грбот на РМ го дефинира изгледот на грбот со следниот опис:
„Грбот на РМ претставува поле опкружено со житни класје, кои се поврзуваат на врвот, испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја, што се поврзани на дното со лента прошарана со народни мотиви. Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река, а зад планината изгрева сонце“.
До 2009 година, на врвот на грбот стоеше петокрака, но таа беше отстранета. Истата година, ВМРО-Народна партија, тогаш предводена од Марјан Додовски, актуелен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје, предлагаше златен лав на црвена основа, со круна, да го замени тогашниот и сегашниот грб, донесен во 1946 година по урнек на другите социјалистички држави. Овој предлог тогаш не наиде на политичка поддршка, но, сепак, пет години подоцна можно е жолт лав на црвена основа да стане нов државен грб, под услов ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да го обезбедат потребното двотретинско и Бадентерово мнозинство.