Наследникот на Зврлевски ќе биде избран дури по локалните избори

by fokus

Наследникот на доскорашниот републички јавен обвинител, Марко Зврлевски, во најбрз случај би можело да биде избран пред почетокот на изборната кампања за локалните избори, односно до крајот на септември, до кога ќе работи Собранието, но може и да се одолговлекува со месеци, во зависност од волјата на Советот на јавните обвинители. Очекувањата се дека сепак изборот ќе биде извршен по локалните избори кои треба да се одржат на 15 октомври.

Споре законската процедура, најпрвин, Собранието на предлог на владата треба да го огласи именувањето нов јавен обвинител во Службен весник и уште во најмалку два дневни весника. Рокот за поднесување на пријавите е 15 дена. Откако кандидатите ќе се пријават, Советот на јавните обвинители дава мислење по предлогот на Владата за именување на јавниот обвинител. Во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до Владата, Советот доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно законот. Ако не се произнесе во овој рок, течат нови 15 дена. Доколку и тогаш не се изјасни, тогаш се смета дека мислењето на Советот е позитивно.

Владата, пак, до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител само од пријавените кандидати за кои Советот дал позитивно мислење.

Доколку Советот за ниту еден од кандидатите не даде позитивно мислење, тогаш владата нема право да поднесе предлог кандидат, туку може само да му предложи на Собранието да го повтори огласот, по што повторно ќе почнат роковите од 15 дена за изјаснување на Советот, па изборот да се пролонгира до бескрај.

Во тој случај, неговата работа ја врши обвинител, кој го определува Советот на јавните обвинители.

Претседателот на Советот на јавните обвинители Петар Аневски, и мнозинството од членовите, досега ја покажуваа својата наклонетост кон доскорашната власт, но сепак изненадија со одлуката експресно да го прифатат барањето за разрешување на Зврлевски, бидејќи и тука имаа простор за игри и манипулации. Затоа можно е и во овој случај да решат да постапат ажурно и професионално.

Валентина Вурмо

Поврзани новости