На протест ќе се кренат работниците од странската инвестиција „КСС“ во Кичево

by fokus

Вработените во фабриката за производство на воздушни перничиња „Ки Сејфти Системс“ ќе излезат на протест незадоволни од условите, но и поради тоа што десетина работници беа избркани откако формираа синдикална организација. Се очекува стотици вработени да му се приклучат на протестот кој ќе се одржи утре во раните утрински часови на влезот од индустриската зона во Кичево.

Во најава на протестот се засилуваат притисоците на раководството врз нив. Вработените тврдат дека деновиве се почесто добиваат закани дека ќе останат без работа доколку го поддржат протестот. „Кој излезе на протест, ќе си оди дома“, им велел супервизорот во една од линиите, тврдат вработени.

Во кичевката фабрика вработените се пријавени на 10.100 денари. За да го заработат максимумот, или 17.000 денари, мораат да работат цел месец без ниту еден ден слободен. Велат дека се експлоатирани и дека одговорните се однесуваат со нив силеџиски, со присилба и закани. Работат во три смени. По трета смена мораат да дојдат на работа на втора, а по втора на прва смена. Со тоа им остануваат само осум часа одмор. Неретко, велат, вработените се онесвестуваат од превработеност.

-Ми се случи еднаш колешка да падне пред мене во несвест, не можеше да издржи цел месец без одмор. Тогаш ми прекипе. Имаше таков случај и неодамна. Дечко на околу 23 години исто се онесвести од премореност. Не можевме да го освестиме додека не дојде болничарката. Тоа често се случува. Цел месец одиме на работа под присила. Ако одбиеме да се појавиме на викенди, ни се закануваат дека ќе не избркаат – вели Слободан Страшеноски, претседател на синдикалната организација кој беше избркан од работа по нејзиното формирање.

Вработените се жалат од оброците кои ги добиваат по макторпната работа на линиите. За време на трета смена добиваат конзерви со сардини, туна или месен нарезак, и изобилство од леб, велат тие.

Условите под човечкото достоинство ги натераа пред еден месец да формираат синдикална организација. Но само неколку дена потоа, договорите за вработување на определено од шест месеци им беа намалени на еден месеци. Потоа следеше принуден одмор за десетина членови од синдикалната организација, по што им било соопштено повеќе да не се враќаат на работа, тврдат тие.

Американската инвестиција „Ки Сејфти Систем“ своите погони во Кичево ги отвори во 2015 година со најава дека ќе бидат вработени над 1000 луѓе. На отворањето, тогашниот премиер Никола Груевски, изјави дека девет години траеле преговорите со Американците да инвестираат во земјава.

Поврзани новости