Министерството за култура ќе ја тужи поранешната директорка на Археолошкиот музеј

by fokus

Министерството за култура на Република Македонија во целост ги демантира невистините изнесени на гостувањето на ТВ Нова на 22.07.2017 од страна на г-ѓа Весела Честоева, претходен директор на Националната установа Археолошки музеј на Македонија – Скопје.

Според податоците со кои располага Министерството, а коишто беа доставени од страна на Археолошкиот музеј, во конкретниов случај воопшто не станува збор за отказ, односно раскинување на договорот за вработување на определено време за работното место Раководител за стручни работи, без отказен рок додека горенаведеното лице користи боледување, туку за донесување на одлука од страна в.д. директорот за прогласување на предметниот договор за ништовен, согласно прописите од областа на облигационите и работните односи, што значи дека истиот нема правно дејство.

 Имено, согласно констатациите на инспекциските служби, договорот за вработување бил склучен за период од една година, спротивно на согласноста на Министерството за финансии за обезбедени финансиски средства, според која средства за исплата на плата од Буџетот на РМ биле обезбедени заклучно со 31.12.2017 година. Од друга страна, горенаведеното лице започнало со работа пред да биде пријавена во Агенцијата за вработување, односно ретроактивно, прекршок за кој што инспекцијата има изречено прекршочна санкција – глоба.

Имајќи предвид дека склучениот договор за вработување на ваков начин во иднина би можел да предизвика штетни последици по установата, односно негативни финансиски импликации по Буџетот на РМ, со одлука на в.д директорот истиот е прогласен за ништовен, односно како да не бил ни склучен.

Исто така, би сакале да ја информираме јавноста дека и самата постапка за “самовработување” на претходната директорка ќе биде предмет на иницирање на кривична постапка пред надлежен суд за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, согласно Кривичниот законик, се вели во соопштението на Министерство за култура.

Поврзани новости