Министерот Тевдовски за ,,Фокус’’: Чекам трета ќерка и пресреќен сум!

Министерот за финансии Драган Тевдовски, кој со сопругата Анита го чека третото дете, за читателите на ,,Фокус’’ го открива полот на петтиот член на своето семејство, кој треба да пристигне кон крајот на ноември или пак на почетокот на декември.

Со него разговаравме пред одржувањето на трката ,,Скопје трча 10к’’ вчера во Скопје, каде друштво му правеа двете ќеркички. Тие се негови редовни навивачки речиси на сите атлетски трки и маратони на кои учествува министерот и според начинот на кој го пречекуваат, тој е за нив најголемиот херој по секој истрчан маратон.

„Неодамна го дознавме полот на бебето, и наскоро ќе добијам уште една ќерка. Пресреќен сум! Искрено, потајно посакував да биде девојче. Ги обожавам моите ќеркички и многу се радувам што ќе имаат уште една сестричка’’ – вели Тевдовски.

Неговата сопруга, која исто така го бодреше на секој трка, овојпат не беше присутна, бидејќи, како што раскажа министерот, во последното тромесечје од бременоста повеќе мирувала.

Но, затоа пак, двете ќеркички на крајот на трката, радосни го дочекаа и му се фрлија во прегратка.

Тевдовски, кој е доктор по економски науки, и магистрирал со просек 10 на Економскиот факултет во Белград, уште од својата десетта година бил активен спортист.

Играл во младинската школа на ФК Вардар, и во тој период со својот тим ги освоил сите титули во младински првенства на Македонија. Бил дел од Младинската репрезентација на Македонија во фудбал, која во 1997 година го освои второто место на Балканското првенство. За време на своите студии, тој играл во Балкан, Работнички и Скопје.

Денес е учесник на многу атлетски трки, но и маратони.

Во месец септември, тој учествуваше на Охридски маратон и истрча 30 километри, а трката им ја посвети на лицата со ретки болести. Потоа, две недели по Охридски маратон, тој трчаше во Прилеп, на трката ,,Патеките на Крале Марко’’ каде исто така ја истрча планинската патека долга 31 километар.

Вчера, во Скопје, заврши на 56-то место.

Вики Клинчарова