Мијалков: Убеден сум во мојата невиност

by Fokus

Фактот дека обвинетиот Сашо Мијалков има стан и фирма  во Чешка, создава опасност од негово бегство, истакна обвинителката Ленче Ристоска на денешната јавна седница во Апелација, каде се рзгледува нивната жалба за одредување на притвор.

На ова реплицираше адвокатот на Мијалков, Љупчо Швргоски, кој истакна дека тоа што Мијалков поседува фирма и стан вцо странство не дава сомнеж дека ќе ја напушти државата.

– СЈО сака да ги измести тезите и да постави теза дека имотот е стекнат во критичниот период, но не е така, бидејќи го има уште во далечната 1995 година. Па, затоа ако досега сакал можел да замине и повеќе да не се врати. Напротив, тој соработува со СЈО и има одговорено на сите нивни повици – истакна Шврговски.

Мијалков, пак истакна дека тој секогаш се јавувал на повиците на обвинителите од СЈО, истакнувајќи дека разговарал со обвинителката Катица Јанева.

– Секогаш одговарав на нивните повици. На повик на Катица Јанева во два наврата менував карти и се враќав предвреме од странство. Јас сум убеден во мојата невиност и секогаш ќе бидам достапен. Давам збор под кривична и материјална одговорност дека ќе бидам достапен за судот – рече Мијалков.

Обвинителите од СЈО, сепак се пожалија дека Мијалков не можеле да го најдат на пријавената адреса, бидејќи таму реално не живеел. На ова, адвокатот Шврговски возврати дека тоа било од безбедносни причини и дека затоа Мијалков договорил секогаш обвинителите да го бараат на телефон.

Мијалков ги обвини обвинителите дека на овој начин манипулираат со судот, бидејќи секогаш, ама буквално секогаш бил достапен и се јавувал на нивните телефонски повици, пошто договорале термини за средба. Тој на крајот заврши со обраќање до Советот, посочувајќи дека тој верувал во нивната независност и професионалност.

В.В.

 

 

Поврзани новости