Николовски: Македонија должи половина милион евра поради неплаќање членарина во меѓународните организации

by fokus

„Околу половина милион евра е долгот на Македонија за членство во меѓународните организации што не го плаќала претходната влада изминатите години и поради кој на земјава и се заканува опасност од исклучување или губење на правото на глас“, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостпанство Љупчо Николовски.

По подмирувањето на долгот кон ФАО од над 30.000 евра минатиот месец, денеска, информира Николовски, почнува исплатата и на членарината во Меѓународната организација за вино, вреден околу 60.000 евра.

„Три години не е платено во Меѓународната организација за вино каде наследениот долг изнесува околу 60.000 евра, а исто толку не е плаќано и во Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа (SWG) каде вкупниот долг е 90.000 евра. Најмногу, вкупно пет години, не се плаќала членарина во Европската организација за заштита на растенијата кон која долгот сега изнесува 140.000 евра“, посочи Николовски.

Според него, претходната гарнитура на Министерството за земјоделство, наместо да плаќа членарини во ови клучни меѓународни институции чија поддршка на Македонија и е неопходна, потрошила стотици илјади евра по основ на прекувремени часови на вработените, без да биде запазена законската регулатива за нивно најавување и следење.

Исплатата на долговите кон меѓународните организации и институции, напомена министерот, ќе се врши етапно.

Поврзани новости