Припадник на специјалните полициски сили распореден за обезбедување на Железничката станица во Гевгелија, вечерва околу 23 часот беше прободен од засега неидентификувано лице – мигрант на поминување низ Гевгелија- објави порталот Гевгелија нет.
Настанот се случил во близина на Бензинската на Макпетрол која се наоѓа под надвозникот на влезот во Гевгелија на стотина метри од зградата на железничката станица.
Очевидци на случката раскажале за порталот дека екипа на специјалните полициски сили заобиколила група од десетина мигранти со цел да се идентификува сторителот, а несреќно прободениот полицаец се’ уште лежел на стомак на асфалтот со грчевити тресења на екстремитетите.Веднаш пристигнала и екипа на брза помош од гевгелиската Општа болница.
Голем дел од жителите на Гевгелија кои беа на прошетка во тој дел на градот велат дека од надвозникот, доле на улицата наспроти бензинската ја гледале гужвата и се уште растрепереното тело на прободениот полицаец.Еден од граѓаните изјави дека веднаш после случката, голема група од бегалци – мигранти, по негова проценка стотина луѓе, во трк се упатиле кон надвозникот и од таму надвор од Гевгелија.
МВР се очекува да објави детали за настанот.