Маја Оџаклиевска со искрена исповед: Внучето уште не ми прозборе!

Еден од ненадминливите женски вокали на просторите на поранешна Југославија, Маја Оџаклиевска, минатата недела престојуваше во Охрид. Настапи на третата, интернационална вечер на Охрид фест – Охридски трубадури, и го освои првото место од жири комисија и второ од публика, за дуетската песна ,,Оди си’’ со рускиот поп пејач Иван Акулов.

Како времето да застанало за неа, со широката топла насмевка, полна со харизма, со бујната коса, сега блондинка, за разлика од ланското гостување во Охрид, кога беше бринета, таа беше во центарот на вниманието на сцената, но и позади неа.

Разговорот со Маја секогаш минува опуштено, како со стара пријателка. Раскажа дека Охрид и е посебно драг град, кој го смета за магичен поради природните убавини, секогаш ужива во дружбите со пријателите и колегите во Македонија, се радува поради настапот на фестивалот.

Но на прашањето – Маја, како си – и покрај тоа што блескавата насмевка и стои на лицето, не може, а да не се забележи една тажна сенка што и го замаглува погледот.

,,Како сум? Внучето уште не ми прозборе. Како да бидам? Тоа е најсуштинското нешто во мојот живот. Песни, музика, дружби, се е тоа убаво, но мојот Лука уште не збори’’ – вели Маја.

За нејзиното внуче од постарата ќерка Теа, ,,Фокус’’ пишуваше и лани. Тогаш, Маја ја раскажа потресната приказна за состојбата на Лука (8) со цел да ја подигне јавната свест за аутизмот кај децата.

,, Се до неговата втора година се беше во ред. Потоа, само месец дена откако прими ММР вакцина, започна нашето болно патување. Започнаа првите манифестирања на аутизмот, тој се затвори во себе, се изолираше од се, се повлече во свој свет и престана да реагира. Се случуваше да му викам, но тој не приметуваше ништо, живееше во својот свет, тажен, нефокусиран на ништо околу себе. Прва ги забележав овие знаци, и поразговарав со ќерка ми. За сите нас тоа беше нешто многу болно, разорно’’ – раскажуваше музичката ѕвезда лани.

Тогаш, таа се појавила и во ТВ емисија во Србија, порачувајќи дека никогаш не треба да се молчи за проблемите и сите родители на деца со аутизам, на кои им е потребна помош, треба јавно да истапат, да не молчат, туку да бараат разни алтернативи, да споделат искуства, да разменат совети.

,,Ова е проблем кој што е присутен не само во Србија, знам дека и во Македонија многумина се соочуваат со истата ситуација. Уште стојам на ставот дека вистината не треба да се крие. Јас како јавна личност истапив пред народот и раскажав за нашиот случај, и во Македонија јавните личности кои се соочуваат со аутизам на блиски луѓе, на деца, треба да го сторат истото. Да се сврти вниманието, да се подигне јавната свест. Ја водам оваа битка за мојот Лука, но и за сите оние деца со кои судбината си поиграла. Ќе го повторам мојот став, аутизмот не е ментална болест, туку нешто што е стекнато’’ – вели Оџаклиевска.

,,Затоа, кога ќе ме прашаат како сум, првото нешто што би опишало како навистина се чувствувам и како живеам е болката што Лука уште не збори. А тоа е разорно чувство, тешки периоди, емоционални падови, но и безусловна љубов и труд да се работи на неговиот напредок’’ – раскажува Маја, која живее во Белград, соседна Србија уште од 1970 година.

Во изминативе години, се повеќе јавни личности од Македонија кај чии деца е дијагностициран аутизам, започнаа отворено да раскажуваат за нивната состојба, за предизвиците во животот, но и за начини да им се помогне на децата.

Пред неколку години помеѓу првите кој го скрши мразот на темава, беше кошаркарската легенда Тодор Гечевски. По приказната за неговиот син Божидар и секојдневните издигнувања и падови, терапии, испитувања и препреки со кои се соочувале, тој порача дека со својата исповед сака да им помогне на остантите родители кои биле на почеток и не знаеле што ги чека.

Неодамна, и кошаркарот Владо Илиевски јавно прозборе за своите двајца синови, Лука и Јакоб, кои исто така имале аутизам.

Втори април е светски ден за подигање на свеста и борбата против аутизмот. Во Македонија, во тек е проектот „Еднаквост и социјална инклузија преку позитивно родителство“ (www.esipp.eu) кој ќе трае 3 години (до август 2018), реализиран од Македонското научно здружение за аутизам. Проектот е едукативен, а истовремено и истражувачки. Познати дефектолози од земјава, често апелираат преку медиумите, целото општество да се вклучи и да им помогне на децата со аутизам и нивните родители, да ги разбере нивните потреби, и да не им врти грб.

Вики Клинчарова