Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиуми, Дуња Мијатовиќ, денеска испрати писмо до претседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, во кое изразува загриженост за прогласувањето на уредничката на Фокус, Јадранка Костова за соработник на тајните служби. Таа смета дека лустрацијата не треба да е користи како алатка за вршење притисок врз критичките гласови.
-Земајќи во предвид дека Фокус веќе е под притисок, вклучувајќи бројни тужби за клевета и навреда кои му нанесуваат голема штета на списанието и неговите новинари, на одлуката на комисијата може да се гледа како на вршење притисок, загрозување на медиумот и следствено да има застрашувачки ефект врз слободата на медиумите во земјата, напишала Мијатовиќ во писмото.
Таа нагласила дека ќе ја следи целата ситуација, која може да има негативен ефект врз слободата на говор и слободата на медиумите.