Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Б.С, кој е приведен и осомничен дека го извршил филмскиот грабеж во Тутунска Банка.
Истражителите од организиран криминал во МВР се уште истражуваат и се обидуваат да дознаат каде се украдените пари, околу три милиони евра кои тој ги украл од трезорот на оваа банка и потоа избегал.
Од страна на судија на претходна постапка на Б.С. определена му е мерка притвор во траење од 30 дена.
Ограбувачот кој работел во банката, неколку часа по грабежот беше уапсен од полицијата. Според МВР, сега пријавениот како вработен на работно место трезорист во Служба за трезорско работење (работа со готовина и депо во НЛБ Тутунска банка АД Скопје), искористувајќи згодна прилика и познавајки го процесот на работа, во време кога во трезорот имало намалена френкфеција на вработени лица, незабележан од никого во периодот 06 април до 10 април ги вадел парите.
Првиот износ го затаил од пратка на износ од 1.000.000 швајцарски франци на тој начин што од вкупниот износ пред испраќање на средствата по авионски пат, извадил едно врзопче со 100 банкноти во апоени од 1.000 швајцарски франци (100.000 франци) кои ги присвоил за себе.
Вториот износ го затаил искористувајќи погодна прилика при што незабележан од никого во неколку наврати првично противправно присвоил 375.000 евра готовински парични средства од трезор, а потоа и 300.000 швајцарски франци кои му биле доверени согласно работните задолженија во НЛБ Тутунска банка.
На 10.04.2017 година, соочен со фактот дека е невозможно да изврши раздолжување со настанатиот кусок на парични средства присвоени од негова страна, свесно извршил дополнително присвојување на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор, при што истите ги ставил во украсна кеса и околу 13 часот незабележан од никого ја напуштил НЛБ Тутунска банка упатувајќи се во непознат правец.
Од страна на одговорни лица од НЛБ Тутунска банка кривично правниот настан е пријавен во Единицата за известување и команда, а од страна на полициски службеници од ЕПОИ АЛФА, Б.С. е пронајден и лишен од слобода.
Според информациите од полицијата, приведениот е осомничен дека откако му завршило работното време си заминал дома и од трезорот исчезнале речиси три милиони евра. Неговиот претпоставен веднаш повикал полиција, а пред банката пристигнале три полициски возила, како и истражители од организиран криминал.
Врз основа на издадени наредби за претрес на дом и други простории од страна на Основен суд Скопје-1 Скопје и извршени претреси на локации во Скопје, како и извршени разговори со одговорни лица во НЛБ Тутунска банка АД Скопје и други вработени лица во банката, обезбедени се писмени докази кои укажуваат на свесноста и намерата на пријавениот да го изврши кривичното дело, велат од МВР.
„Исто така од извршениот увид во видео записот од безбедносните камери на банката лоцирани и поставени во банката, констатирано е дека пријавениот го искористил процесот на работа и со непочитување на воспоставените процедури за сигурност при работата во трезор, на 10.04.2017 година, во препладневните часови од девизниот трезор присвоил 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра, кои парични средства во кеса ги изнел од службените простории и се оддалечил во непознат правец.
Од страна на СВР Скопје и во натамошниот период ќе се преземаат мерки за целосно расветлување на кривично правниот настан“, соопштуваат оттаму.
Од банката тврдат дека парите биле осигурани и нејзините корисници нема на ниту еден начин да бидат оштетени и тие продолжуваат најнормално со својата работа.