КОЛУМНА Венко Глигоров: Еднаква Правда за сите

Пишува: Венко ГЛИГОРОВ

Еднаквоста е една од главните цели на еден здрав економски систем. Без економија нема напредок на општеството и нема благосостојба за граѓаните. Еднаквоста е најмногу зависна од поставување на правен систем што ќе овозможи исполнување на оваа цел.

Сведоци сме на партизираното судство и протекционизам кој кулминираше последниот период. Од друга страна, според изјавите на новиот мандатар, г-нот Заев, постојат сериозни намери за реформи во судството. Главнината од работите може да се направат само со 2/3 мнозинство во Собранието. Почучени од минатото, основани се стравувањата дека од едно партизирано судство може да се изнедри со текот на времето – ново партизирано судство.

Се поставува прашањето како да се направи нашето судство и делењето на правдата да биде објективно, непристрасно и неспорно. Исто така се поставува и второто прашање, од каде може да се тргне во градењето на правниот систем, а тоа да биде прифатливо за поголемиот број на пратеници во Собранието.

Извештајот на Прибе

Се чини дека најдобар моментален избор е да се тргне од извештајот на ЕУ за Македонија предводен од тимот на Прибе. Меѓу другото, во овој извештај се вградени бројни интервјуа, сугестии и анализи на правдата во Македонија.

Во тринаесетата точка од извештајот се изведени главните вредности на Европската Унија како што се демократијата, еднаквоста и почитување за човековите права и владеењето на правото. Токму затоа и строгото почитување и спроведување на овие вредности е од суштинско значење за земјата кандидат.

Во седумнаесета точка се наведени проблемите со кои се соочувала групата на Прибе во однос на оградување од одговорност, минималистичко толкување на мандатот на институцијата и со обиди за затскривање зад надлежностите на други институции, како изговор за непостапување, наместо преку промовирање на култура на владеење со преземање на одговорност проактивно да се придонесе за надминување на тековната кризна сосотојба и да се промени трендот на враќање назад.

Понатаму, според извештајот, системот на управување со учинок за судии и судската служба е слаб, му недостасува кредибилност и е отворен за злоупотреби. Особено критериумите за учинок за судии се воспоставени и се формалистички предоминантно квантитативни. Ова е делумно затоа што долго се сметало дека е невозможно за корисниците и евалуаторите во рамки на судството да применат систем на квалитативни оценки на заслугите на објективен и неселективен начин заради продорната политичка култура и менталитетот. Понатаму, не постојат јасно профилирани методологии или хармонизиран пристап за да се спречи претседателите на судовите да донесуваат одлуки за управување со учинокот во нивните респективни судови, очигледно на нивна целосна дискреција.

Заедно со скорешните аномалии во судството кадешто гледавме бројни аномалии и пропусти, се чини дека во извештајот на Прибе се вклучени битните поенти за да се постави здрав систем во судството.

Примерот на Шкотска корисен за Македонија

Намерата во оваа пишување, иницијално објавено пред 2 години, а надополнето со нови сознанија од денешницата, не ми е да го толкувам извештајот или да изнесувам заклучоци од извештајот на Прибе. Сакам да дадам конкретен пример од каде треба и како може да се гради системот на правосудство и правната држава. За таа цел ќе го земам примерот со Шкотска, земја обедината во Велика Британија и членка на Европската Унија. Шкотска е релативно мала земја и може да се земе како модел со принципи врз кој ќе почива системот во Македонија.

Градењето на правосудниот систем на Шкотска е школски пример како се одредуваат мисијата, визијата, целите, стратегијата и резултатите што се очекуваат од правосудниот систем. Повеќе за стратегија има на линкот http://www.loginsystems.biz/single-….
Стратешкиот план за праводудството во Шкотска се изведува преку следниот стратешки процес кој може да биде основа за македонскиот правосуден систем:

1 Мисија.

Мисијата на Шкотска е да се фокусира владата и јавните услуги кон поуспешна земја, со можности за сите во Шкотска да може да напредуваат, преку зголемувањето на одржлив економски раст.
Наместо да се тргнува само од персоналните комбинаторики за судии и обвинители, Македонија е подобро да тргне од уставните одредби и од мисијата на Македонија за забележителен одржлив економски раст.

2 Визија.

За да се постави еден систем, покрај мисијата важно е да се дефинира визијата, односно намерата или правецот во кој ќе се движи Македонија. Во нашиот случај, визијата може да биде „да создадеме правен систем кој позитивно придонесува за просперитетот на Македонија, помагајќи да креираме респектибилно општество во кое сите граѓани и заедници ќе живеат безбедно, ќе се поддржуваат индивидуалните и колективните права и ќе се решаваат несогласувањата на фер начин и со брзи процеси.“

Пример за визија

3 Национални интереси.

Правниот систем се поставува да почива на националните интереси, односно резултати што треба правниот систем да ги постигне и такви може да бидат:

Сите ние да ги живееме животите обезбедени од секаков криминал, неред и опасности.

  • Да имаме силни, отпорни и помагачки заедници каде луѓето преземаат одговорност за своите активности и нивното влијание кон другите.
  • Јавни услуги да се од висок квалитет, постојано да се подобруваат, да се ефикасни и флексибилни на потребите на луѓето.

4 Цели на правниот систем.

Откако ќе се одредат визијата и националните интереси, кои всушност се цели на парвниот систем, се пристапува кон одредување на очекуваните резултати на правосудниот систем и истите може да бидат:
  • Да имаме ниско ниво на криминал

Да имаме ниско ниво на страв, алармантни состојби и стрес

  • Да уживаме низок ризик од ненамерни штети
  • Нашите луѓе и заедниците да се поддржуваат и респектираат меѓусебно, применувајќи ги сопствените права и обврски
  • Да имаме високо ниво на доверба во правните институции и нивните процеси

Јавните услуги да се фер и достапни

  • Нашите институции и процеси да се ефективни и ефикасни
  • Јавните услуги да ги почитуваат правата и гласот на корисниците на услугите

5 Приоритети како дел од стратегијата.

Потоа се одредуваат приоритетите за да може да се постигнат побрзо дел од очекуваните резултати. На пример, такви приоритети може да бидат:

Намалување на криминалот, посебно насилниот и сериозниот организиран криминал

Намалување и искоренување на осветата

  • Справување со криминалот поврзан со говорот на омраза и секташтвото
  • Подобрување на ефикасноста

Ги поддржуваме жртвите и сведоците

Проширување на достапот на правдата и напредни реформи во законите

  • Намалување на разорното влијание на дрогите и алкохолните проблеми
  • Намалување на штетите од пожари и другите итни случаи
  • Зголемување на јавната доверба и намалување на стравот од криминал
  • Засилување на вклученоста на заедниците и нивната отпорност
  • Трансформација на цивилната и административната правда

6 Методи и пристапи како дел од изведбата.

Од приоритетите треба да произлезат и методите и пристапите во градењето на системот. Врз основа на овие методи и пристапи треба да се изработат оперативните планови кои ќе ги реализираат зацртаните приоритети и ќе бидат компатибилни со правецот кон кои сакаме да се движи Македонија. Во методите и плановите треба да ги опфатат спецификите на Македонија, како што се човечките ресурси и нивната расположивост, појдовната основа и рецидивите, како и буџетот за нивната изведба.
Со ваквиот стратешки план Шкотска има голем напредок во клучните полиња и барања на граѓаните. При редовните мерења на правосудниот систем, Шкотска го намалува криминалот, ја прави земјата побезбедна и создава услови за квалитетен и подобар живот за сите.

Придобивки за Македонија

Трансформирањето на правосудниот систем во Шкотска под раководство на нивната влада се одвивал во соработка со сите чинители во јавниот сектор. За нив било важно владеењето на правото и заштитата на заедницата не само како поддршка на растењето на економијата туку и како неопходност дека луѓето ќе имаат продуктивни животи во сигурни и безбедни заедници.
Секако дека процесот на воспоставување на правосуден систем не е едноставна работа. Но исто така не е сложена работа ако се прави врз основа на визија, темели (принципи и вредности), и стратегија кои потоа се преточуваат во добар стратешки и оперативни планови за изведба. Горенаведените предлози се само примери кои треба да побудат идеи и развијат реални стратешки елементи врз основа на кои ќе се гради правосудниот систем.
Со неодамнешниот почеток на промена на власта се чини дека се создава погоден момент Македонија да ги обедини политичките партии, граѓанските здруженија, професионалците од правните струки, академијата и стопанските комори во градењето на правен систем кој ќе биде основ за развојот на Македонија. Освен за методите и пристапите, кои би можеле да бидат поставени од партијата или коалицијата што ќе бидат власт наскоро, сите други погоре наведени елементи би требало да се постават со некаков консензус од сите чинители во Македонија.
Еднаква правда за сите е неопходност и за приврзаниците на новата опозиција за да им се овозможи и тие да ги користат придобивките на реформираното судство. Верувам и во искрените намери на меѓународната заедница дека ќе помогнат во воспоставувањето на корисен правосуден систем растеретен од партиските притисоци и диктати.