„Идеолог на Путин“, „мозокот на Путин“, „новиот Распутин“, филозофот Александар Дугин велат дека го кажува тоа што Путин го мисли. Го нарекуваат и човек што владее од сенка, за да го нагласат неговото влијание во надворешната политика на Русија.
Дугин е екстремен руски националнист и заговорник на рускиот империјализам, а жесток критичар на либерализмот. Професор по социологија на реномираниот Московскиот државен универзитет Ломоносов, истакнат писател, советник на клучните политички и воени фигури во Русија и гласноговорник на националистичката филозофија на Кремљ.
Меѓу неговите контроверзни ставови се и анти научните гледишта, неретко повикува да се забранат инвестирањата во науките, физиката и хемијата, а исто така смета дека треба да се забрани интернетот. За него пишуваат и дека е најопасниот филозоф во светот.
Дугин смета дека на либерализмот му се ближи крајот. Според него САД е лидер на либерализмот и нуди индивидуална слобода и пазарна конкуренција, но верува дека либерализмот доживува фатална криза. Оди чекор подалеку и вели дека либерализмот е доведен во фаза каде се обидува да ги ослободи останатите органи од своето тело од контролата на мозокот, алудирајќи со тоа на односот на слободните земји кон ЛГБТ заедницата.
„Либерализмот инсистира на ослободеност од сите форми на колективен идентитет. Тоа е во неговата суштина. Либералите го имаат ослободено човекот од националниот идентитет, религискиот идентитет и така натаму. Последниот вид на идентитет е полот“, смета тој.
Дугин се залага за нова божја партија. Според него Путин е апсолутен и незаменлив.
За време на почетокот на руско-украинскиот конфликт во 2014-та година, Дугин пропагирал анексија на целата територија на Украина која што претходно била дел од Руското Царство, па дури и повикувал на геноцид во Украина. Од тие причини му се забранува влез во САД.
Тој е силен поддржувач на новиот претседател на САД. Победата на Доналд Трамп ја дочекал со воодушевување.
„Иако е тврд и груб, Доналд Трамп го кажува тоа што го мисли, тој е непристоен, емотивен и очигледно искрен. Фактот дека е милијардер не значи ништо. Тој е поинаков. Ова е еден екстремно успешен, обичен Американец. За нас неговата победа е радост, тоа е среќа. Морате да разберете дека Трамп го сметаме за американскиот Путин“, изјави неодамна Дугин за американски The Wall Street Journal.
Александар Дугин во 2001-ва година го основал Меѓународното евроазиско движење. Станува збор за организација која што го промовира обединувањето на поранешното советско подрачје во една единствена културна и цивилизациска целина.
„Евроазија е територијата на старото Руско царство или Советскиот Сојуз. Можеме да ја наречеме и Голема Русија“, порачал Дугин.
Во Меѓународното евроазиско движење му се придружува и Леонид Савин, кој му е денеска близок соработник.
Дугин и Леонид Савин изминативе денови беа и во Србија, каде се често присутни. Таму одржаа неколку предавања и ја промовираа својата книга „Мрежни војни“, во која пишуваат за новите методи на војување, без вооружени судири.
Често предупредуваат дека е загрозена Српската православна црква, а овој пат предупредија дека Америка води мрежна војна. Мрежната војна, според нив, опфаќа влијание врз системот на вредности, предизвикување на кризи и дестабилизирање на државите. Според нив главна улога во оваа војна имаат социјалните мрежи.
Што ги поврзува со „Единствена Македонија“? Ова е партија која на почетокот на годината се ребрендираше во проруска опозиција, по примерот на „Единствена Русија“ на Путин. Претходно се нарекуваше „Народно движење за Македонија“. Нејзин претседател и понатаму е Јанко Бачев. До 2012 година на парламентарните избори учествуваше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, додека на изборите во 2014 година, по 12 години учество во коалицијата, настапува самостојно.
„Единствена Македонија“ изминативе месеци со соопштенија до јавноста апелира до власта да ги прекине преговорите за името и да се преориентира од НАТО и ЕУ кон Евроазиската економска унија. Партијата поднесе и барање до Собранието да ги повлече актите за членство на Македонија во ЕУ и НАТО.
Присуството на Дугин и Савин во Македонија може да се сфати како намера на Русија да го прошири своето влијание во земјава.