Четириесет и тригодишниот Скендер Јусуфов, познат помеѓу народот како Келе Змијата е можеби единствениот човек во светот кој што умее да збори со змии. Живее во неготинското село Криволак, а речиси секој ден патува низ земјава, во лов на змии. Луѓето кои што имаат мака, на кои што им влегла змија во домот, во дворот, или пак најчесто во автомобилот, во него го гледаат својот спас од смртоносната влечуга.
За помалку од половина час, откако ќе започне да и збори на змијата, со речник познат само нему, а кој што тој го нарекува ,,Басма,, змијата сама се појавува и доаѓа кај него. Вели дека досега не се случило да го касне змија, и за него овие животни се големи пријатели.
,,Пред околу дваесет и пет години чував овци во околината на селото Криволак. Му бев ученик на стариот овчар Коста од Радовиш, кој што ја имаше дарбата со голи раце да лови змии. Многу се спријателивме со него, и еден ден тој ми рече дека мене ќе ми ја пренесе својата тајна ,,Басма,, и верува дека јас ќе го наследам во ловот на овие животни, но при тоа ме предупреди дека никогаш не смеам да ја злоупотребам својата дарба и да направам некоја пакост со помош на неа. Ми требаше една година да се престрашам и да започнам да комуницирам со змиите. Потоа се започна да оди лесно. Луѓето почнаа да ме бараат кога ќе им влезеше змија на имотот, а јас за помалку од половина час им го решавав проблемот – раскажува Келе за „Фокус“.
Тој ги повикува змиите со специфичниот ,,змиски јазик,, а потоа, откако тие сами ќе му дојдат до рака, ги фаќа и ги пушта на слобода, во шумата.
„Досега и самиот не знам колку змии сум фатил. Сега, во летните месеци им е сезона, па се случува да интервенирам дури и по десет пати неделно. Најчесто луѓето без да знаат ги носат змиите во населено место во својот автомобил, ако биле некаде во природа, им се закачуваат на некој дел на колата, најчесто во моторот и потоа им влегуваат во двориштата и во куќите. Вчера на пример, ме викнаа во станицата за Технички преглед во Неготино и од таму за дваесет минути излегов со смок долг околу два метри во рацете. Сега, кога е време за сукање на кори (јуфки) многу почесто ми ѕвони телефонот, бидејќи змиите привлечени од мирисот на млекото кое што се става во тестото, доаѓаат во домовите на луѓето,, – објаснува Келе.
Тој додава дека во Македонија најчесто лови смокови, кои што не се отровни, а од отровниците чест плен му се поскокот и шарката.
,,Неодамна на воениот полигон Криволак ме викнаа да фатам смок, кој што беше долг дури три метри. Сум ловел и змии шарки долги околу метариосумдесет сантиметри, додека поскокот, кој што е доста отровен и доволни се дваесет минути по каснувањето да усмрти човек, е помал, околу 30 до 40 сантиметри, и доста често го ловам и него. Со себе никогаш не носам противотров, бидејќи јас сум им пријател на змиите и тие тоа го чувствуваат. Имам свој јазик за комуникација со нив, знам кога се преплашени, знам кога сакаат да нападнат, а кога само се трудат да побегнат. Пред некоја недела ме викна едно семејство од внатрешноста, сите беа во паника, во собата им влегла змија и се намотала околу шишето со млеко на бебето. За десет минути змијата се пушти од цуцлата и дојде кај мене, а потоа ја пуштив во шумата – вели Јусуфов.
За него овие случки се редовно секојдневие и свикнал да живее во постојан контакт со овие животни. Тој има три деца, ќерка од 11 и синови од 9 и 5 години, кои што веќе тргнале по неговите стапки.
,,Ќерката не сакам да ја внесувам во мојот свет, но синовите, иако се доста мали, немаат страв од змиите. И самите започнаа да ги ловат и си играат со нив како да се гумени играчки. Од полиција ми рекоа дека додека не станат полнолетни децата, не смеам да ги учам на мојот занает, но кога ќе наполнат осумнаесет години, секако дека ним ќе им ги пренесам моите тајни и ќе ги научам на змискиот јазик. Ова е еден вид на професија од која што може да се живее, бидејќи сите кои што во мене го гледаат спасот додека змијата им се шета низ куќа, не штедат да ме наградат што сум ги спасил од неканетиот гостин. Работа имам многу, постојано ми ѕвони телефонот, често ми се јавуваат и од полиција, кога некој што не ме знае ќе пријави кај нив дека му влегла змија, тие веднаш ме праќаат мене,, – изјави Келе.
Сепак тој додава дека кај нас има доста злобни луѓе, кои што се полни со омраза и сакаат некому да напакостат со негова помош.
,,Ми се случува некој да ми побара да пуштам змија во нечија куќа, чисто од злоба или пак поради одмазда, но таквите веднаш ги одбивам. Неколкупати ме молеа луѓе, кои што имале должници, да ги заплашат должниците и да им ставиме змии во домот, но тоа не е дел од мојата мисија. Јас само можам да помагам на народот, но истовремено и на змиите. Ги ослободувам и никогаш во животот не сум убил змија,, – раскажа криволчанецот.
Луѓето кои што се очевидци на неговите способности, се запрепастени од тоа што го виделе, а жителите на селото Криволак секојдневно им појаснуваат на луѓе од други места кои што имаат мака, каде се наоѓа неговата куќа. Вели дека во развиените земји, за ликови како него се прават и ТВ емисии, но кај нас сеуште никој не се сетил да го повика и да ги сними неговите вештини при лов на змиите. Доколку добиел таква понуда, веднаш ќе се согласел пред јавноста да ја покаже својата неверојатна дарба. За сите на кои што вели, не дај Боже некогаш да им притреба неговиот број, може да го побараат на 075 693 642.
Вики Клинчарова