Јанева ќе заштитува сведоци, а самостојно ќе одлучува и дали некој од нив ќе добие нов идентитет

by fokus

Од наредната година и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ќе може самостојно да носи одлуки кое лице ќе добие статус на заштитен сведок, а дури и ќе може да одлучи дали сведокот ќе добие нов идентитет.

Новата ингеренција на обвинителката Јанева ќе следува откако во Собранието ќе се изгласа Предлог законот за измени и дополнување на Законот за заштитени сведоци. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а набрзо и се очекува да стапат на сила, бидејќи за да се изгласаат е потребно поддршка од просто мнозинство.

Според постоечкото законско решение, идентитетот на заштитениот сведок во старт им беше познат на шест лица, надвор од СЈО, меѓу кои и на републичкиот јавен обвинител и на директорот на Управата за извршување на санкции. Според СЈО, токму затоа сведоците не барале ваква заштите од нив, бидејќи се плашеле дека нивниот иднетитет набрзо ќе се дознае.

Според измените, на СЈО му се дава целосна автономија за прашањето за заштитата на сведоци, односно специјалната јавна обвинителка ќе ги има истите овластувања што ги има и Советот за заштита на сведоци. Инаку, мерки за заштита на сведоци се: чување на тајност на идентитетот, обезбедување на лична заштита, промена на живеалиште и промена на идентитет.

Обвинителката Јанева, освен на сведокот, заштита ќе може да му овозможи и на блиско лице на сведокот, односно на неговата сопруга- сопруг, деца или роднина.

-Доколку Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите донесе одлука за вклучување во Програмата на блиско лице, истиот ќе го задолжи Одделението со блиското лице да склучи спогодба, се наведува во измените.

Инаку, специјалната јавна обвинителка, Јанева, уште во јануари минатата година побара измени во Законот за заштита на сведоци, кои по 10 месеци, односно во октомври, на предлог на тогашната опозиција, се најдоа во Собранието, но не беа поддржани од тогашното парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ.

Валентина Вурмо

Поврзани новости