Изгореа оригиналните модели за Скопје од Кензо Танге?

by fokus

Со пожарот кој избувна денеска во бараките во кои се сместени Заводот за Урбанизам како и Институтот за социолошки и политички истражувања доведена е во прашање исклучително значајна документација за Градот Скопје но и земјата.

Се уште е рано да се испита дали нешто од оваа документација ќе го преживее големиот пожар, со кој противпожарните екипи се уште се борат, но познавачите веќе изразија загриженост за уништување на последните документациски траги од модерно Скопје.

Според урбанистот Леонора Грчева, во Заводот за урбанизам и архитектура Скопје (ЗУАС) се’ уште се наоѓаа(т) оригиналните модели за централно Скопје од познатиот светски архитект Кензо Танге, како и најголемата колекција и материјална меморија за обновата на пост-земјотресно Скопје.

„Заводот за урбанизам во периодот по земјотресот 1963 го координира, заедно со Обединетите Нации, Doxiadis Associates (светски познати урбанисти од Грција) и тим на полски планери, проектот за обнова на градот. Во ова спаѓа, меѓу останатото, изработката на нов мастер план (генерален урбанистички план) за цело Скопје, развивање на сценарија за развој на градот, градење на нови привремени и стални населби, и конечно конкурсот за централно Скопје на кој победуваат Кензо Танге и хрватите Мишевиќ и Вензлер. Изработката на финалниот план за централно Скопје го води ЗУАС. Ова значи дека во просториите на ЗУАС се’ уште се наоѓаа(т) оригиналните модели за централно Скопје од Танге, конкурсните материјали, архивите и студиите поврзани со генералниот план за градот, купишта оригинални цртежи и скици, практично најголемата колекција и материјална меморија за обновата на пост-земјотресно Скопје“, вели таа за Фокус.

Професорката Мирјана Најчевска од Инститот за социолошки и политички истражувања за Фокус вели дека од општина Карпош и градоначалникот Стевчо Јакимовски, за нивните бараки им било кажано дека се куп даски кои ништо не вредат.

„Ние сме дел од универзитетот, имаме многу богата библиотека и уште од 1968-ма наваму сме таму. Во пожарот може да биде уништена голема документација, се она што се однесува на постдипломски истражувања архиви и друга значајна документација. Со години се бориме да ни се признаат имотно правните односи, тој простор државата го дала на универзитетот, но еве сега не знаеме што ќе се случи, веднаш до нас се гради, така што не знаеме“, вели Најчевска.

Овие бараки неодамна биле избришани од урбанистичкиот план во Карпош, но потоа повторно вратени. Со оглед на градежната експанзија која се случува во општина Карпош, на социјалните мрежи веднаш се раширија шпекулации и сомневања за можно подметнување на пожарот заради бизнис интереси.

K.O.

Поврзани новости