Вечерва се дочекува Новата година според Јулијанскиот календар, познат како Василица, кога многумина празнуваат домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј го слават и својот именден. Некои семејства, слично како и за време на бадниковата вечера, кршат погача со паричка.

Преминот од старата во новата година според Јулијанскиот календар е и времето кога во Вевчани се одржува познатиот карневал, кој има традиција стара 14 векови. Карневалот почнува денеска во 13 часот, кога ќе се одржа дефилето на маските, а вечерва, Чалгија саунд систем, Џамбо Агушев оркестар и Блага Петреска ќе ги забавуваат василичарите и гостите на Вевчани.

Зетот и Невестата се главните ликови-маски кои се задолжени ноќта меѓу 13-ти и 14 јануари да ги посетат сите, околу 700 куќи на Вевчани, за да соберат пари (т.е. маста) што се наменети за донации. Маските се чуваат во најголема тајност и никогаш не се повторуваат на некое следно карневалско издание.

Овој уникатен и единствен настан, на кој учесниците ја имаат сета слобода да критикуваат и иронизираат, секоја година привлекува по околу 10 000 гости. Годинава празникот Василица е во недела, па организаторите очекуваат голема посетеност од викенд гости.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.