Пишува
Мери ЈОРДАНОВСКА
Со дваесет и седумгодишниот Амруш.Б. се запознавме во едно од локалните кафулиња во Скопје. Облечен во модерна кошула, фармерки и со цигара в рака, тој благо ни се насмевнува кога нѐ гледа.
„Да, да, изгледам нормално, не сум валкан и не крадам“, ни вели тој, знаејќи го поводот за разговорот.
Со младиот скопјанец се сретнавме за да ни го објасни процесот на дискриминацијата на Ромите при вработување во државата и за сето она со што тие се соочуваат за да се вклопат во македонското општество, кое според Уставот и сите закони, не смее да врши дискриминација по етничка основа. Но, според искуството што ни го кажа младиот Ром, се докажува дека практиката не функционира баш така.
„Не сакам да зборувам јавно. Уште тоа да го направам и потоа веќе никој нема да ме вработи. Ќе мислат дека јавно ќе ги критикувам фирмите ако нешто ми се случи на работното место“, вели Амруш.
Освен по темниот тен, никако поинаку не можете да забележите дека Амруш е „поинаков“ од другите. Но, како што вели тој, поинаквоста произлегува само кога тој ќе го изговори своето име.
„Таа блага недоумица кога ќе кажам дека се викам Амруш можам да го видам на лицето на секој што ќе го запознаам. Прават некоја „фаца“, по која веднаш се гледа дека се прашуваат што сум, Македонец или Ром“, раскажува тој.
Сето тоа за Амруш не претставува проблем, но, како што вели, најлошото се случува кога ќе тргне да бара работа.
ДАЛИ СИ МНОГУ ЦРН?
Амруш завршил Економски факултет во Скопје и оттогаш почнува неговата голгота за барање работа. Аплицирал на неколку места, но секаде бил одбиен.
– Не велам дека бев одбиен затоа што сум Ром, тоа не го знам, но она што го сфатив е дека очигледно не можам да најдам работа затоа што немам доволно познати луѓе. И тогаш видов оглас во една голема приватна компанија, а најдов и човек кој може да ме препорача – раскажува младиот економист.
Најголемиот шок Амруш го доживеал кога на одговорниот во компанијата му било кажано дека на конкурсот за вработување ќе аплицира Ром, првото прашање што следувало било:
„А многу ли е црн?“
– Кога го слушнав тоа, не можев да се соземам. Не прашал дали ги задоволувам условите, не прашал за моето образование, не прашал кој сум, туку дали сум многу црн! Тогаш можеби во огласот требало да се стави дека бараат исклучиво бели луѓе – вели Амруш.
Неговото искуство, колку и за некои други да важи за „банално“, за Амруш значело многу. Оттогаш, тој се нема пријавено на ниту еден конкурс за вработување, туку почнал да работи во компанија кај негов пријател и како што вели, засега добро му оди.
– Ако не си помагаме ние меѓусебно, ретко можеме да очекуваме помош од останатите – ни вели Амруш додека се збогуваме.
КОГА ЌЕ ГО КАЖЕШ ИМЕТО, СИТЕ РАБОТНИ МЕСТА НАЕДНАШ СЕ ПОПОЛНЕТИ
Самка Ибраимовски, пратеник во Собранието и лидер на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) бара субвенции за вработување на Ромите, со цел да се надмине дискриминацијата. Според истражувањето на партијата, 65 отсто од Ромите се изјасниле дека при вработувањето има стереотипи и предрасуди.
– Со ова, би постоела и поголема заинтересираност кај работодавците поради субвенционирањето на работните места. Јас сѐ уште стојам на тој предлог, но ете, владата ми ги краде идеите, па сега воведе субвенционирање за вработување на социјални категории. Кај мене доаѓаат многу Роми кои велат дека кога аплицираат за работа во која било установа, само кога ќе ги видат, веднаш ги елиминираат. А има квалитетни млади луѓе кои можат да се носат со високи функции, има магистри, доктори кои седат дома или бегаат надвор од државава – вели Ибраимовски.
Дехран Бислим е млад новинар од Македонија, кој живее во Унгарија. Тој е претставник на младите во Европскиот ромски травелер форум со седиште во Советот на Европа, но вели дека не се откажува од новинарството.
– Сѐ уште ми е чудно зошто на ниту еден Ром од нашата група студенти по студиите и стажирањето не му беше понудено да се вработи? Не знам дали тоа спаѓа под отворена или скриена дискриминација, но од четири генерации Рому само тројца имаа договор на дело, што е доволен индикатор. Дискриминацијата доаѓа токму поради непознавањето на Ромите и нивните проблеми. Во Македонија има многу примери на дискриминација, како од сограѓаните така и од институциите на државата, нешто што секоја година го потенцира и Европската комисија во своите извештаи – вели Дехран.
Во извештајот објавен од Институтот за човекови права и Ромскиот едукативен фонд објавен неодамна, набројани се бројни случаи на поплаки на Роми кои се соочиле со дискриминација при вработување.
Па, така, еден родител изјавил дека сакала да се пријави за возач на такси, откако видел оглас во кој такси-компанија имала потреба од возачи. Тој се јавил по телефон и прашал дали може да се пријави и добил потврден одговор. Но, кога воспоставил личен контакт, односно кога дошол во компанијата и го кажал своето име, му било кажано дека немаат доволно автомобили за нови возачи и нема отворени работни места.
„Еден родител ни кажа дека е квалификуван електричар, кој до сега нема ден работно искуство затоа што не може да најде работа. Неговите деца, кои имаат завршено високо образование, исто така немаат работа. Тој изјави дека погодностите кои тие треба да ги имаат постојат само на хартија, но не и во реалноста“, се вели во извештајот.
РОМИТЕ СО НАЈГОЛЕМА СТАПКА НА НЕВРАБОТЕНОСТ ОД СИТЕ ДРУГИ ЕТНИЧКИ ЗАЕДНИЦИ
Мухамед Точи од невладината организација „Месечина“ веќе изјави дека Македонија постигнала успех само во делот на образованието на Ромите, за разлика од другите три области кои се застапени во „Декадата на Ромите“, како здравството, вработувањето и домувањето. Според него, од 1991 година, па до денес, Ромите во споредба со другите етнички заедници во земјава имаат невработеност од над 70 отсто.
Македонија не располага со точна бројка за тоа колку Роми живеат во Македонија.
Единствен индикатор е пописот во земјава што се одржа пред 11 години, во 2002 година, според кој застапеноста на Ромите во вкупното население во Македонија е приближно 2,7 отсто, односно 53.879 Роми. Но, со оглед на тоа што пописот на населението во 2011 пропадна, сега единствениот индикатор на кој можеме да се потпреме се проценките на локални ромски организации, според кои, застапеноста на Ромите во вкупното население е многу поголема и изнесува околу 6 отсто.
Според Агенцијата за вработување, во Македонија 92.799 лица во земјава активно бараат работа. Од нив, 1.670 се Роми, што претставува 1,8 отсто, а 1.250 се Албанци. Ова, според експертите е дециден показател дека Албанците полесно стигнуваат до работно место за разлика од Ромите. Експертите укажуваат дека Албанците сега, за разлика од претходно, се повеќе ослободени од белегот на дискриминација при вработувањата.
Анализа на УНДП направена во 2010 година открива дека стапката на невработеност на Ромите во 2008 година изнесувала 75 отсто и е највисока во споредба со сите етнички заедници во Македонија и повеќе од двојно од државниот просек од приближно 30 проценти.
За она што се случува зад вратите кога се вршат интервјуа за работа или кога се отпуштаат лица врз основа на нивната етничка и расна припадност, досега во Македонија само се „шушкало“. Случајот со „Сити мол“ беше тој што на виделина ја извади дискриминацијата и на нозе ги крена заштитниците на човековите права.
Имено, во март годинава, фирмата „Ленд Сервис“, која ја одржуваше хигиената во трговскиот центар „Сити мол“, изјави дека од раководството биле терани да се отстранат сите работници од ромска националност од одделот за храна. Од трговскиот центар појаснија дека барањето било испратено поради тоа што имало многу кражби во одделот за храна и дека, сепак, станувало збор за интерно прашање на трговскиот центар. За заштитниците на човековите права, пак, ова е типичен случај на дискриминација врз основа на национална припадност. Комисијата за заштита од дискриминација најостро го осуди овој настан, а случајот набргу ќе заврши пред Судот за човекови права во Стразбур.
НЕ САКАМ РОМИ ВО МОЈАТА ФИРМА!
Несиме Селиоска од невладината организација „Рома СОС“ со години се занимава со проблемот на образованието и невработеноста кај ромската популација. Таа вели дека недоволната образованост кај Ромите не може повеќе да се користи како „изговор“.
– Најчестата изјава што ја слушаме како одговор на прашањето „зошто ромската заедница континуирано останува од 70 до 80 отсто невработена?“ е дека Ромите се во неповолна положба во однос на вработувањето заради фактот што многу од нив кои бараат работа го немаат потребното ниво на образование за да бидат конкурентни на пазарот на трудот.
Меѓутоа се заборава фактот дека во споредба со 2005 година денес имаме двојно повеќе дипломирани Роми од различните факултети, а тројно повеќе Роми со завршено средно стручно образование, и сѐ уште ист процент на невработени Роми.
Оттука може јасно да се увиди дека не станува збор за нивото на образование, туку за можностите кои му се нудат на Ромите да бидат прифатени на пазарот на трудот – вели Селиоска.
Таа ни посочи повеќе примери на дискриминација на кои се пожалиле лица во нејзината невладина организација. Најчестите реплики што Ромите ги добивале кога аплицирале за работа во приватен сектор биле следниве:
„Не сакам Роми во мојата фирма”.
„Ајде, ќе размислам па ќе ви јавам”.
„А ти, знаеш нешто да правиш? Сигурно знаеш да пееш и да играш”.
„Како, како ти е името? Ромка си? Не личиш“.
Според Селиоска, различни се коментарите што Ромите ги добиваат кога се обидуваат да најдат работа во државниот сектор. Најчести се следните:
„А ти од која партија си? Ќе се зачлениш во мојата партија ако ти помогнам да се вработиш?“
„Па, не сте само вие Ромите невработени, има и куп други. Имате „Декада на Роми“, таму барајте работа“.
„Знам дека имаш завршено средно образование, но можам да те вработам само како чистач ако сакаш“.
Ромите, според Селиоска, ретко се одлучуваат на самовработување, со оглед на тоа што трошоците за даноци, придонеси, административни процедури се прескапи.
– Дискриминација, стереотипите, предрасудите се актуелни и тие го одредуваат патот на интеграцијата на пазарот на трудот во Македонија, а не образованието и знаењето, за жал – вели Селиоска.
НА ХАРТИЈА МНОГУ, ВО ПРАКТИКА МАЛКУ
Стереотипите со кои се соочува македонското општество дека Ромите се валкани, необразовани и „различни“ со години како да не мрднуваат од мртва точка. За дискриминацијата на Ромите многу се говори, но ретки се оние кои ќе излезат јавно да посочат примери со цел да се детектира и реши проблемот.
Во предлозите кои доаѓаат од Парламентарното Собрание на Советот на Европа за подобрување на положбата на Ромите пред се е подобрувањето на животните услови, со донесување на политички одлуки кои ќе дозволат пристап до здравствената заштита, образованието и промовирање на идентитетот, културата и ромскиот јазик.
„Во изработувањето на овие политики треба да биде вклучена и ромската заедница“, стои во усвоената резолуција во Стразбур.
Македонските парламентарци ветуваат, но мал број од нив знаат какво е чувството кога Ром ќе влезе да аплицира за работа, а кога ќе го изговори своето име е одбиен со образложение дека нема повеќе работни места.
„Подобрувањето на животните услови на ромското население е приоритет на нашата политичка агенда. Подвлекувам дека повеќе членови на нашиот парламент и еден министер во владата на Република Македонија се Роми“, изјави пратеникот Александар Николоски пред Парламентарното Собрание.
Од Министерството за труд и социјална политика не беа достапни за изјава, да образложат конкретно дали и какви стратегии презема нивниот ресор со цел да се зголеми вработеноста на Ромите и да се подобри нивната инволвираност во образовниот систем.
Познавачите велат дека се додека не се пристапи кон имплементација на стратегија за вработувањето на Ромите, Македонија ќе тапка во место на ова поле. Оние како Амруш ќе го бараат своето „чаре“ во пријателски фирми колку да имаат работа, а некои, како Дехран спасот ќе го бараат во другите држави. На крајот пак, сепак Македонија е таа што губи, бидејќи голем број квалитетни кадри деновите ги поминуваат дома, само поради својот тен на кожата, нивната националност и стереотипите што постојат за нив.
ШТО ВЕЛАТ ЗАКОНИТЕ И КОНВЕНЦИИТЕ?
Членот 17 од македонскиот кривичен законик предвидува дека тој што врз основа на разлика на раса, боја на кожа, националност или етничко потекло ги повредува основните човекови права и слободи признати од меѓународната заедница, ќе се казни со затвор од 6 месеци до 5 години.
Членот 1 од Универзалната декларација за човекови права предвидува дека сите луѓе се слободни и од своето раѓање еднакви по достоинство и права, а членот 5 предвидува дека никој не смее да биде подложен на мачење или на понижувачки третман или казна.
Членот 2 од Меѓународниот пакт за економски и социјални права, каде потписник е и Македонија, предвидува дека правата прогласени во него ќе бидат остварени без било каква дискриминација заснована врз основа на раса или боја на кожа.
Дискриминацијата врз основа на раса е заштитена и со член 9 од Уставот на Република Македонија, според кој граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата, националното и социјалното потекло. Европскиот суд за човекови права е особено ригиден во поглед на дискриминацијата врз основа на раса и етничка припадност:
„Разликата во третманот која исклучиво или во пресудна мера се заснова на етничкото потекло на едно лице не може да биде објективно оправдана во едно современо демократско општество изградено врз начелата на плурализам и почитувањето на различните култури“, предвидува едно од начелата на Европскиот суд.
ОБРАЗОВАНИЕТО И НАТАМУ ОСТАНУВА НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ
Според податоците од Првата детска амбасада „Меѓаши“, во Македонија има 18.500 деца кои не одат на училиште. Најголем дел од овие деца се Роми, кои често можеме да ги видиме како питачат по улиците, заедно со нивните родители.
– Немам работа, кој ќе ме вработи?! Маж ми собира шишиња по канти за ѓубре па ги продава. Како да го запишам детево во училиште кога немам ни за да го прехранам? Понекогаш чистам по куќи, кога има заинтересирани. Го носев детето во Дневниот центар каде што има сместување до 16 часот, ама тоа не е решение. Ни треба работа за да можам да го образовам – ни рече Сермие, која питачи зад Градскиот трговски центар.
Таа во рацете го држеше своето 2 годишно синче, кое очигледно го чека истата судбина доколку не се запише во училиште.
– Со исклучување на децата од образованието, ние директно се вклучуваме во кругот на сиромаштија, неписменост и злоупотреба на детскиот труд. И на овој начин не им помагаме на децата да го завршат основното образование. Отворањето на Дневните центри не е решение. Потоа децата повторно се на улица и нивниот труд се злоупотребува и затоа овие деца треба да бидат вклучени во задолжителниот образовен процес – вели Драги Змијанац од „Меѓаши“.
(Овој текст е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за промоција на човековите права и слободата на изразување“ што го реализира Македонскиот институт за медиуми (МИМ), a е финансиран од Европската Унија преку ЕИДХР програмата. Содржината на текстот е одговорност единственo на медиумот и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија или на МИМ)