Евровизиската песна ќе биде промовирана на 11-ти март, деталите за проектот повторно се чуваат од јавноста

by Fokus
Песната ,,Lost and found’’ со која групата ,,Ај кју’’ ќе ја претставува Македонија на годинашната Евровизија во Лисабон, Португалија, во мај, ќе биде промовирана на 11-ти март – не информираше Мери Попова, долгогодишната шефица на нашата евровизиска делегација и уредничка на забавната редакција на МТВ.

-Песната ќе има радио и ТВ промоција – кратко ни соопшти Попова, одбивајќи да одговори дали и оваа година составот на нашата делегација останува ист и колку вкупно луѓе ќе заминат во Португалија на настанот. Лани, откако нашата претставничка Јана Бурческа не успеа да влезе во финале, на мета на напади на социјалните мрежи се најде нашата евровизиска делегација, и јавноста во повеќе наврати апелираше да се промени нејзиниот состав, фрлајќи ја вината за константно лошите пласмани токму на делегацијата. Тогаш Попова ни ги откри членовите на делегацијата кои ја придружуваа Бурческа на Евровизија.

-Јас сум само пет години на чело на македонската евровизиска делегација, а другите членови се во состав : Александра Јовановска, шеф на прес и новинар во МТВ, Каролина Петковска, уредник, новинар и коментатор, Авни Кајили, уредник и новинар на Културно – забавната програма на Втората програма на МТВ и Цветко Стојановски, снимател и директор на фотографија во МТВ – ни изјави шефицата.

Околу тоа колку стилисти, шминкери, придружни вокали и танчери лани заминаа со Бурческа во Киев, Украина, не добивме информација. И годинава во тајност се држат деталите за Евровизија. Нема податоци колкав буџет им стои на располагање за евровизискиот проект. Песната ,,Lost and found’’ беше избрана по пат на конкурс, а комисијата била во следниот состав – Мери Попова – координатор на проектот Евровизија 2018 и уредник на Културно уметничка програма на МТВ1 , Каролина Петковска – Уредник на Редакција за Контактно забавни емисии во МТВ1, Александра Јовановска – уредник и водител на музичка емисија во МТВ1, Авни Ќаили – уредник на Културно уметничка програма на МТВ2, Бранка Костиќ Марковиќ – музички новинар и критичар, Андријана Јовановска – музички новинар во „Репортер МК“, Марко Марк – музички новинар во „Канал 77“ и водител во ТВ „Телма“ и Антонио Димитриевски – одговорен уредник во „Вистина МК“ и продуцент на музичката манифестација „Македонски радиски фестивал“.

Од МТВ информираа дека поканиле уште десет други личности кои што професионално се занимавале со македонската и светска музичка сцена и случувања, но истите поради лични и субјективни причини не биле дел од селекционата комисија.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости