Комисијата за мандатно имунитетни прашања треба да заседава денеска попладне за да се отвори расправата по однос на судското барање за одредување мерка притвор на пратениците кои беа упсени во вчерашната акција на полицијата. Неофицијално се чека претседателот на Собранието, Талат Џафери, да се врати од Шведска и да го проследи барањето до претседателот на Комисијата.
Џафери треба денеска попладне да пристигне од службеното патување во Шведска, по што се очекува комисиската расправа да почне веднаш потоа.
Претседател на Комисијата е пратеникот Павле Богоевски. Тој вчера најави дека ќе закаже седница веднаш по доставување на барањата.
Комисијата е должна да го разгледа известувањето и во рок од два дена да го достави извештајот до претседателот на Собранието. Врз основа на извештајот на Комисијата, Собранието одлучува во рок од три дена. За одземање на имунитет на пратеник потребно е просто мнозинство.