Најчевска: Филипче е достоен наследник на Тодоров, срам да ви е шарени другарчиња што го изгласавте

by fokus

Јавноста со негодување реагира по повод изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче, кој рече дека кај мајките е одговорноста за големата смртност на доенчињата. Со критика се јави и професорката, Мирјана Најчевска, која го спореди со неговиот претходник, Никола Тодоров. Според Најчевска новиот министер е достоен наследник на Тодоров, укажувајќи дека ја заобиколува кризата во која се наоѓа македонското здравство и условите во кои живеат трудниците.

„За предвременото породување не е крив стандардот (недоволно храна, несоодветни услови за живот, неможност да се набават сите потребни витамини и потребни препарати), туку, ете, жените не се грижат за сопственото здравје.
Не е криво загадувањето на воздухот и водата и прехрамбените продукти. не. Криви се жените што не водат сметка за своето здравје. Не е крива државата која не обезбедува соодветна здравствена поддршка на бремените жени. Не. Виновни се жените кои не водат грижа за сопственото здравје. Не се криви лекарите кои имаат се помалку знаење. Не. Виновни се жените кои не се грижат за сопственото здравје.
Не се виновни болниците кои се наоѓаат во трета фаза на распаѓање, во кои царува нехигиената, во кои одиш да се разболиш наместо да оздравиш. Не. Виновни се жените кои не се грижат за сопственото здравје. Филипче е достоен ученик и наследник на својот ментор Тодоров. Срам да ви е СДСМ и срам да ви е мои шарени другарчиња кои го изгласавте без око да ви трепне“, порача Најчевска.

Поврзани новости