Лидерот на „Обединети за Македонија“, Љубе Бошкоски, за „Фокус“ вели дека ќе конкурира на владиниот оглас за шест посебни советници на премиерот, Зоран Заев. Бошкоски вели дека постои политички договор за да влезе во Владата на Заев и се надева дека ќе го заземе местото на советник за странски ивестиции.
– Мојата животна мисија е да и помогнам на Македонија, да видиме колку ќе успееме во овој дел. Имам врски низ Европа, имам конекции со светски и европски бизнисмени, кои ќе се трудам да ги привлечам да инвестираат. Тоа ми е мисијата да помогнам да ја направиме модерна македонската десница, да го напуштиме проектот кој беше присутен долги години со квази инвеститори, а гледаме македонија како ја остави оваа претходна банда криминална. Да понудиме нешто поинаку за Македонија – вели Бошкоски за „Фокус“.
Инаку, Владата објави оглас за вработување на шестмина посебни советници во канцеларијата на премиерот. Се бара советник за транспорт и врски, за спроведување на Рамковниот договор, за мултикултурално општество, за транспарентност и отчетност, за млади и спорт. Се бара и советник за странски инвестиции од правните науки, со критериум активно да познава англиски јазик и да работел најмалку 5 години во струката.
Платата на советниците ќе се движи од 25.000 до 50.000 денари.