По три години поминати во притвор, обвинетите во случајот „Шпион“, Миќо Насковски и Цветан Дамјановски, вчера доцна попладне биле пуштени од затвор.
Како што информираат од Кривичниот суд, Апелациониот суд во Скопје доставил решение со кое на Насковски и Дамјановски им се укинува мерката притвор.
За овој случај веќе е донесена првостепена пресуда, а неодамна се одржа и јавна расправа во Апелациониот суд, каде што обвинетите и нивните бранители ги образложија своите жалби.
Со првостепената пресуда Насковски е осуден на казна затвор од 4 години, а Дамјановски на 6 години и 6 месеци.
На последната јавна седница, СЈО ги презентираше своите наводи во однос на жалбите на обвинетите и побара од Апелациониот суд намалување на казните за сите обвинети.
Апелациониот суд сè уште нема донесено одлука за предметот „Шпион“.