Mожам да прифатам да ме критикувате, да зборувате против мене на секој пациент кој ќе дојде во вашата ординација, да ме исмевате пред пријателите. Сето ова од вас без проблем го прифаќам и без проблем ќе го поднесам. но, никако нема да прифатам и не можам и нема да дозволам пациентот да стои на закажан преглед пред вашата затворена врата еден или повеќе часови, ова денеска им го порача министерот за здравство Никола Тодоров на 162 доктори кои три пати или повеќе од три пати месечно задоцниле подолго од еден час на првиот закажан преглед во денот.
Според Тодоров со доцнењето на првиот закажан преглед во денот (повеќе од еден час), автоматски се поместуваат сите останати закажани термини во текот на денот, а тоа негативно се одразува и врз пациентите кои се оставени да чекаат, и врз ефикасноста на работа на докторот.
– Треба да се има предвид дека пациентите многу често земаат отсуство од работното место за да отидат на закажаниот преглед, така што со доцнењето на докторот може да го надминат ограниченото време. Генерално, оваа појава предизвикува девалвација на системот и токму затоа имаме обврска да преземаме мерки да ја спречиме – додаде Тодоров.
Министерот се обврза дека секој месец, најдоцна до 5ти на пресконференција ќе ги објавува овие податоци, ќе ги казнува директорите кои не го исполниле таргетот и ќе бара да бидат казнети докторите кои не го почитувале законот и времето на пациентите.
– Од денес натаму, јавно се обврзувам да се борам против секоја дополнителна минута чекање на секој еден пациент. со мојот тим, со секој директор на здравствена установа, но и со секој доктор во јавното здравство, активно и постојано ќе се бориме оваа некоректна појава да се корегира – изјави Тодоров.