Џафери го прогласи писмото на Антикорупциска за ништовно и премина на разрешувањето на Зврлевски

by fokus

Ова писмо од Комисијата за спречување на корупција е ништовно за мене затоа што Комисијата не е надлежна да одлучува по тоа, категорично рече претседателот на Собранието, Талат Џафери на почетокот од денешната собраниска седница.

Репликата на Џафери следеше по процедуралното барање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој рече дека разрешувањето на функционери е незаконско по распишувањето на изборите, а дека тоа го потврди и Антикорупциска комисија.

Џафери одговори дека автентично толкување на законските одредби дава само Собранието, а не и комисиите како Антикорупциска, формирани од тоа Собрание. Пратениците, рече тој, се заштитени со имунитет и нема одговорност од нив за тоа како ќе гласаат, но нема таков случај и со членовите на Комисијата.

-Поради тоа што се дрзнала да му наложи на Собранието што да прави, а таква надлежност нема, членовите на Комисијата, кои едногласно одлучиле треба да имаат барем совест да си понесат оставка. За друго институциите ќе одлучат – рече Џафери.

Веднаш потоа тој ја затвори осмата седница на која беа предвидени 28 точки за расправа, и премина на шестата седница на која прва точка е разрешувањето на Зврлевски.

Поврзани новости