Давчевски: Иницијатива за прекинување на изградбата на Панорамското тркало

by fokus

Советничката група на СДСМ и коалицијата во Совет на Град Скопје денеска ќе поднесат иницијатива за прекинување на градежните активности на Панорамското тркало кое се гради во коритото на реката Вардар.

„Панорамското тркало се коси со Деталниот урбаниситички план за Мал ринг на Општина Центар кој е донесен на почетокот на оваа година со што се става вон сила Деталниот урбанистичка план од 2010 година. Со измената на ДУП-от, сите објекти кои не се довршени се дивоградби и мора да бидат стопирани или отстранети, а оние кои не се започнати нема да добијат дозвола за градба.

Второ, смената на централната власт доведува до состојба на прекин на сите парични средства од државни институции кои во вид на донации беа давани за изградба на тркалото на носителот на проектот, ЈСП Скопје.

И трето, ја уважуваме петицијата покрената од граѓаните преку која побараа запирање на градбата на тркалото и која граѓаните ја доставија до градоначалникот Коце Трајановски кон крајот на 2016 година, односно почетокот на 2017 година“, речe Драги Давчевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје.

Тие сметаат дека со прекинување на градбата во оваа фаза би направиле корисна работа која ќе заштеди пари и истовремено ќе биде од корист на граѓаните. Тоа значи да се доврши мостот кој е во поодмината фаза и да се користи како пешачки мост, а сè што е над мостот да се конзервира и да се заштити градбата од пропаѓање.

Поврзани новости