Даноците го зголемуваат јазот помеѓу богатите и сиромашните

Даночната политика не им оди во прилог на граѓаните на Република Македонија кои преживуваат со минималната плата од 150 евра. Даноците кои тие ги плаќаат се процентуално несразмерно поголеми од оние на лицата кои се рангирани највисоко на листата на примања во државата.

Па така, оние кои заработуваат минимална плата се обврзани да и плаќаат на државата данок од 33%, додека пак данокот за највисоката плата во Република Македонија иснесува само 11%.

На својот Фејзбук профил оваа информација ја објави Бранимир Јовановиќ, советник на министерот за финансии.

„Минималната плата во Македонија изнесува 150 евра. Текстилната работничка што ја заработува ѝ плаќа на државата директни даноци од 33% (персоналец + придонеси).

Највисоката плата во Македонија изнесува 205.000 евра. Менаџерот што ја заработува ѝ плаќа на државата директни даноци од 11% “ пишува Јовановиќ.

Официјалните  податоци покажуваат дека најбогатите 20% од граѓаните во Македонија располагаат со доход колку и сите останати 80% од граѓаните, а растот на трошоците за живот и ниските плати ја рангираа Македонија како најлоша земја со квалитет на живеење во цела Европа според ранг-листата на Бостон консалтинг груп.

Од владеачката СДСМ најавија промени во даночниот систем кои ќе обезбедат поголема праведност во распределбата на доходот и богатството, преку воведување на праведен персонален данок на доход и посилно одоначување на луксузот. Дополнително во секое семејство ќе влегува плата плус од поврат на 15% на ДДВ.