Зборено е со Министерот, да поминат гужвите и ќе дојде докторот!

by lali 22:46
22:46

Почитуван Министре Арбен Таравари, ви пишувам отворено и јавно, за да не мора да ве комуницирам преку Вибер и ви кажам што мислам за вашиот нов проект за комуникација со граѓаните.

Вие го водите едно од најтешките министерства во Македонија, и ќе продолжите да го водите како такво. Да не ве потсетувам, и сами сте запознаени како доктор, а сега и како министер дека вашето министерство и целиот здравствен систем последниве неколку години претрпе толку многу турбуленции, што ниту докторите ниту пациентите останаа „живи“, а сепак претходната власт тоа го сметаше за успешна операција. Почнувајќи од мој термин, до плаќање по учинок, цените на лековите и дефицитот со инсулинот, од излевање на докторската фела во приватните болници, па се до оперирање преку апликација и пари за операции. Сето тоа предизвика една пореметена перцепција за нашето здравство, што искрено посакувам и се надевам дека вашата посветеност ќе овозможи здравството во Македонија, после некоја година да се врати во нормала. Од каде ќе почнете да средувате, оставам на вас.

- Advertisements -

Но, за тие реформи ќе пишувам како што оди времето и како што се движат промените. Сега ќе ви пишам збор два за мерката каде вие директно ќе комуницирате со граѓаните и пациентите преку Вибер. На прва, мерката изгледа одлична, ја доведувате до блискост вашата позиција до граѓаните и тоа е за поздрав, но господине министре, мерката освен тоа, личи на многу популистичка.

Пак да ве потсетам, Македонија претходно имаше Премиер којшто работите ги решаваше преку телефон, и секоја една работа да биде завршена, требаше нему да му се пренесе и тој лично да се ангажира да биде завршена. Иако тоа изгледаше корисно за засегнатите граѓани, тоа беше чист популизам. Со таквиот пристап ги закржлави институциите којшто требаше вистински да се грижат за потребите на граѓаните. За ние директно да се пожалиме, предложиме или пријавиме одредени неправилности со оваа комуникација кон вас ЌЕ МОРА да го прекокнеме целото министерство, сите јавни служби, за само да ви се обратиме вас, и само во вас да го чекаме спасот. Со тоа, ќе покажеме дека не веруваме во здравствениот систем и неговата грижа за нас. А треба да почнеме да веруваме!

Дали сте свесни дека вие секојдневно ќе добивате лавина од пораки, од типот – нема завој во болницата, има дупка во душекот, нема греење во собата, па се до сестрата е неуслужлива, докторот денес прими двајца пациенти преку ред и ред други вакви слични ситуации којшто секој еден од нас ги среќавал до сега. Тоа се проблеми што вие треба да ги решите и сакам да ги решите, но тие проблеми не се решаваат по детекција на поплаки и пораки на вибер директно до вас и потоа наредено од вас, туку тие проблеми се решаваат систематски, преку целото ваше министерство со воспоставување контрола и комуникација со и помеѓу директорите и службите на клиниките.

Вие почитуван министере, треба да креирате политики, а министерството да ги спроведува. Сите проблеми што ги имаат нашите граѓани со здравството веќе ги знаете, нема потреба некој лично и персонално да ви ги каже. Вие ги знаете какви се условите во болниците и здравствените установи, ја знаете каква е исхраната во нив, ја знаете цената на лековите и партиципациите, а можеби најдобро ја знаете стручноста и однесувањето на медицинскиот персонал. Тие се генерални проблеми, а за решавање на тие проблеми, мора и треба да се излечи и оздрави целиот систем, а не само да се редуцираат и намалат симптомите на неговата болест.

Овој ваш мал проект ќе биде од поголемо значење доколку тоа го направите во институционална служба, со телефонски повик до посебно одделение кое ќе ги прима, ќе ги распоредува, а потоа ќе се дејствува врз таквите проблеми. Каде нема да ве бараат лично вас како директен спасител, туку ќе бараат од институцијата да се справи со тоа. И потоа од резултатите, полека, но сигурно, ќе се враќа довербата во министерството и здравствениот систем. Затоа, размислете, се уште има време овој проект да го качите на едно друго, пошироко ниво на кое нема лично да учествувате, туку таму ќе учествува целата институција, за полесно и попрактично решавање на секој еден проблем што ние граѓаните го имаме. Нас ни треба здравство кое и после вас ќе има основа правилно и стабилно да функционира, а вие сега ја имате шансата да го направите тоа.

Ви посакувам успех и очекувам успех во вашата работа.

 

Влатко Васиљ

Поврзани новости