-Пеце Неданов е маж за пример во земјава, и останатите треба да го следат. Ни требаат што повеќе мажи како него, кои ќе ја надминат суетата и ќе признаат дека жените заслужуваат подеднаков третман и нема место за полови дискриминации во едно општество кое се труди да биде напредно – вака реагираа дел од учесничките на Охридски атлетски маратон, кој се одржа денес во Охрид, фалејќи го организаторот, Пеце Неданов.
Причината за пофалните зборови лежи во неговото признавање на грешката, кога пред еден месец, ги објави паричните награди за учесниците на маратонот, а кои беа значително повисоки за мажите атлетичари, отколку за жените. Откако следеше лавина од критики и обвинувања за дискриминација, бидејќи сепак и жените и мажите ја трчаат истата патека со должина од 30 километри, тој се извини на јавноста и ги изедначи наградите.
,,Немав намера никого да навредам, но кога со колегите од организација сфативме дека жените се чувствуваат дискриминирани, веднаш се потрудивме да најдеме повеќе спонзори и за сите обезбедивме исти парични награди. Еве денес, на целта на трката, како уште едно извинување од мене, но и гест дека сум кавалер и ги почитувам дамите, на секоја од нив, веднаш по завршувањето на маратонот и подарував по една црвена роза’’ – ни изјави Неданов.
Триесетипрвиот интренационален Охридски маратон, по извинувањето на Пеце, дури привлекол повеќе жени учеснички, отколку што се надевале. Ако во годините наназад имало едвај околу десет, годинава биле без малку триесет.
Првото место од атлетичарките го освои Слаѓана Перуновиќ, второто Ана Суботиќ, а третото Адријана Поп Арсова.
Во машка конкуренција, првото место го освои Вајклиф Кипкорир Бивот од Кенија, второто Тамаш Наги, а третото Илир Рудани.
Вики Клинчарова