Авировиќ: Зголемувањето на минималецот ќе предизвика дисторзија во системот

by fokus

Зголемувањето на минималната плата ќе предизвика дисторзија во системот за унапредување во приватниот сектор, посочи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Владанка Авировиќ, на денешната пленарна седница за ребаланс на буџетот.

„Зголемувањето ќе предизвика појава на урамниловката на 12.000 денари. Оние кои ја имаат таа плата ќе бараат зголемување. Во бизнис секторот ќе дојде до отпуштања на вработени. Моите предвидувања се дека тоа ќе ја зголеми сивата економија“, рече пратеничката.

Таа ги критикуваше кратењата од повеќе ставки посочувајќи дека таквото кастрење на буџетот не може да доведе до раст на економијата. Авировиќ и порача на Владата да не крати од капиталните инвестиции и од проекти во образованието.

Министерот за финансии, Драги Тевдовски, на тоа реплицираше дека со буџетот за 2017 година капиталните инвестиции се нереално поставени.

„До сега се реализирани само 8,7 милијарди денари. За до крајот на годината ние ги поставивме на 23 милијарди денари. Проектирани се скоро во износ колку цела 2016та година. Тоа е оптимистичко проектирање“, одговори министерот.

Поврзани новости