АРХИВА Во чии џебови завршиле 5 милиони евра украдени од „Македонска пошта“?

by Fokus

Текстот е објавен на 12 март, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 962

Пишувала: Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

За една деценија, од „Македонска пошта“ биле украдени или проневерени повеќе од пет милиони евра!

Откако ја соопштивме сумата, логички следува прашањето: колку треба да нè загрижи овој податок бидејќи мора да признаеме дека проектот „Скопје 2014“ успеа да ни ги измести границите за тоа што е многу, а што малку. Кога не се потресовме за податокот дека една огноотпорна завеса за „Стариот театар“ чинеше неверојатни 580.000 евра или дека три жални врби чинеа 240.000 евра, зошто сега да очекуваме некој да се потресе за украдени пет милиони евра и тоа во период од дури 10 години!

Но, ако за момент го оставиме владиниот калкулатор и пресметаме според математиката на обичниот граѓанин, тоа значи дека во овие пари лежат сто стана. Ни најмалку безвредно!

Кога се уверивме дека сумата е примамлива, следи и прашањето: каде се овие пари, односно во чиј џеб завршиле?

Барајќи го одговорот, сфативме дека ова прашање никого не го интересира, а најмалку сопственикот на чекмеџето, во случајов – државата. Единствената реакција и желба да се затне со чеп протекувањето од „Македонска пошта“ надлежните досега покажале во два наврата, и тоа, верувале или не, на двапати пред избори.

Еднаш пред предвремените парламентарни избори во 2008 година и сега пред одржувањето на претседателските и повторно предвремените парламентарни избори. Тогаш се будат и предупредуваат дека нешто смрди. Односно, тогаш, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, преку државните институции, решава да го дисциплинира коалицискиот партнер ДУИ, во чии раце е работата на „Македонска пошта“.

По краткотрајната претстава за јавноста, режирана за коалициски преговарања и договарања, водите продолжуваат да си течат во старото корито.

ВТОРА МАЈКА ЗА АНТИКОРУПЦИСКА

 Во 2008 година, Антикорупциска, само една недела пред одржувањето на изборите, амбициозно најави дека ќе ја чешла работата на раководството на „Македонска пошта“. Се сомневаа дека одговорните не го обезбедувале транспортот на парите според прописите, па затоа се случувале многубројни грабежи.

Експресно, без многу мислење и премислување, тогашните антикорупционери поднесоа иницијатива до Одделението за организиран криминал поради сомневање дека главните луѓе во Поштата од јуни 2003 година до мај 2008 година работеле спротивно на законските прописи и стандарди.

Во овој период се случија десетици грабежи што државата ја чинеа над два милиона евра и еден човечки живот, односно беше убиен еден од обезбедувачите. Тогаш, работата во свои раце ја презеде првата антикорупционерка Мирјана Димовска, но резултати немаше.

Единственото нешто што оттогаш се смени е практиката да се ангажира полициска придружба при транспортот на парите со возила. Но, и арамиите ги сменија целите. Наместо од возилата, сега си крадат директно од необезбедените објекти на поштите.

По пет години мирување, „загрижените“ надлежни институции се разбудија! На еден месец до изборите, Антикорупциска повторно реши да се позанимава со работата на државната компанија, и тоа откако со фрапантен извештај излезе Државниот завод за ревизија. Палката повторно е во рацете на Димовска, која истакна дека веќе отвориле предмет и го чекаат оригиналниот извештај од ДЗР. Веднаш штом ќе ги добијат материјалите, ветија дека ќе се фрлат на работа, а по неколку дена ќе излезат со детали за случајот.

За „Македонска пошта“ наеднаш се заинтересираа и од Основното јавно обвинителство, од каде што информираат дека доколку во извештајот има елементи на кривично дело и ако имаат докази за тоа, ќе постапат како спрема кривична пријава.

Останува да се почека дали, како и пред пет години, и овој скандал ќе исчезне по завршувањето на изборите или конечно ќе им се стави крај на шпекулациите и ќе се понудат официјални одговори на прашањата.

Пред неколку месеци, кога беа украдени повеќе од 200.000 евра од поштата во Чаир, од политичката партија ТМРО излегоа со соопштение, информирајќи дека се сомневаат дека грабежите не се случајни и дека украдените пари завршуваат за пензии на припадниците на ОНА.

„Од 2002 година, па наваму, од кога директорувањето на Македонски пошти е во рацете на ДПА и на ДУИ, не е расветлен ниту еден од триесетината грабежи, како ни сомнителниот минатогодишен пожар во архивата на Македонски пошти. ТМРО се сомнева во заднината на ваквите спектакуларни грабежи, па прашува дали парите крадени од Македонски пошти не завршуваат како пензии за припадниците на ОНА“, велеа од партијата.

Кога побаравме појаснување од партијата како дошле до овие сомнежи, ни истакнаа дека претпоставката повеќе не важи и дека погрешиле. Накусо ни објаснија дека било обелоденето дека краделе и Македонци, па затоа теоријата пропаднала!?

ЗА ДВЕ ГОДИНИ УКРАДЕНИ 3,6 МИЛИОНИ ЕВРА!

А, колку се крадело, покажа точно ревизорскиот извештај што пред една недела го објави Државниот завод за ревизија. Според нивните податоци, во изминативе две години, Поштата била оштетена за 3,6 милиони евра само од кражби и проневери од вработените. Во 2012 година, во рацете на арамиите завршиле повеќе од 1,3 милиони евра, а на рацете на вработените се „залепиле“ 325.000 евра. Лани, пак, кражбите зачестиле, а штетата се зголемила на 1,6 милиони евра, додека вработените проневериле 374.000 евра.

Покрај кражбите, ревизорите утврдиле и дека претпријатието не работи според законите, ниту според интерните прописи, поради што се соочува со огромни загуби кои го доведуваат во прашање финансиското работење.

За ревизорите биле сомнителни и апетитите на вработените во Пошта бидејќи во еден рибник „изеле“ 11.000 евра! Од ресторанот стасале неколку идентични фактури, поткрепени со сметкопотврди, но без да се наведе каква угостителска услуга е наплатена.

Финансиската состојба на државната компанија може дополнително да ослабне и поради неколкуте судски процеси кои тежат околу 2,5 милиони евра!

Од 2006 година, па наваму, освен во 2011 година, иако имала законска обврска, „Македонска пошта“ не доставила годишна сметка и финансиски извештај на одобрување пред Владата, ниту, пак, доставила образложение на кој начин ќе ги покрие загубите со кои постојано се соочувала. И покрај неотчетноста пред Владата, во јануари годинава ги одобриле сите годишни сметки и финансиски извештаи од 2006 до 2010 година!

Ревизорскиот извештај открива и интересни детали за големиот пожар во објектот на „Македонска пошта“, кој, освен што го уништи непроценливиот мурал на Борко Лазески, пеплоса и опрема од над 10.000 евра, марки во вредност од 92.000 евра, плик со девизна дотација од 3.000 евра и 15.000 денари. Огнот, наводно, ги пеплосал и сметките со кои вработените требало да ги оправдаат трошоците за гориво, па, така, без никаков доказ, нели, поради виновникот – пожарот, биле оправдани неверојатни 570.000 евра!

Ревизорите посочиле и дека не можеле да утврдат дали службените возила и гориво биле користени само за вршење работни задачи или, пак, и за приватни работи!

Причините за пожарот веќе се утврдуваат по судски пат, а со обвинение се соочи Арменд Фазлиу, внук на Алити и шеф на неговиот кабинет. Според досегашните податоци, пожарот избувнал во неговата канцеларија, по фрлено догорче во корпата за отпадоци, по што се проширил.

ИМ КРАДАТ МИЛИОНИ, А НЕ САКААТ ДА ИНСТАЛИРААТ ЕДНА КАМЕРА

Покрај незаконското работење, сепак, најголемиот дел од парите „испариле“ преку грабежите. На прв поглед можеби е нормално да се очекува цел на крадците да бидат објекти кои се полни со пари, но сомнежот за некаква подлабока соработка се јавува поради незаинтересираноста на надлежните во филијалите да ги заштитат овие средства. Поточно, најголемиот дел од поштите немаат аларми или камери, ниту чувари или приватни обезбедувачи кои ќе стражарат пред објектите.

Токму оваа незаинтересираност за сигурноста на државните пари ги повикува арамиите слободно да навалат. Па, така, во декември 2005 година од службено возило беа украдени 600.000 евра, во 2008 година беше олеснето уште едно возило со 650.000 евра. Истата година беа украдени и 100.000 евра кај наплатната рампа кај Куманово. Минатата година, пак, од филијала во Битола беше украден сеф, тежок 400 килограми, со 32.000 евра. Арамиите имале време колку што сакаат. Никој не ги пресретнал, камерите не работеле, а за алармен систем никој и не слушнал!

Универзитетскиот професор Владимир Пивоваров, поранешен разузнавач, вели дека состојбата со безбедноста на поштите со години е повеќе од загрижувачка.

Ако со години имаме толку многу кражби, а никој во државата не се грижи, тогаш легално е да се постави прашањето во чии џебови завршуваат овие пари? Постојано се зборува за овој проблем, а никој ништо не презема. Едноставно кажано, кучињата секоја година си лаат, и тоа темпирано пред избори, демек, некој се грижи, а карванот си врви. Исто така, загрижува фактот што никогаш од Поштата не кажуваат колку пари од грабежите се надоместиле“, вели Пивоваров.

Тој истакнува дека објектите на „Македонска пошта“ мора да бидат обезбедени бидејќи, како што сега стои ситуацијата, исто е како да велат: повелете, ограбете нè.

„Инвестирање во зголемувањето на безбедноста на објектите е најисплатливото решение. Со поставување неколку камери, ангажирање агенции за обезбедување, па дури и поставување чувар, резултатите веднаш ќе бидат видливи. Но, по сè изгледа, некој не сака да им се стави крај на грабежите“, заклучува Пивоваров.

Она што дополнително ја засилува реата е и фактот што најголемиот дел од грабежите се нерасчистени или, доколку крадците се најдени, парите како да пропаднале во земја. Еден од ретките случаи кој доби судска завршница е минатогодишниот јулски грабеж на поштата во Чаир, кога двајца разбојници однесоа 210.000 евра. Условни казни добија десетина вработени, за кои беше утврдено дека овозможиле да се реализира грабежот, односно ги оставиле вратите незаклучени, без заштитни решетки, по што крадците слободно, без пречки, се послужиле.

Но, казната не ги стигна разбојниците, кои останаа непознати, а со нив мистериозно исчезнаа и парите. На крајот, сите среќни и задоволни, со државни пари во џебовите!

ЗОШТО СЕ ОДБЕГНУВА ПРИВАТИЗИРАЊЕТО НА ПОШТАТА?

На чело на „Македонска пошта“ од 2011 година е политичарот Рафиз Алити, кој доаѓа од редовите на ДУИ. Тој за време на конфликтот во 2001 година зеде активно учество во ОНА, а како командант го доби псевдонимот Мсуси. Со неговото седнување во директорската фотелја, Владата најави дека врвен приоритет е продажбата на Поштата, но оваа идеја се замрзна. А, купувачи низ годините имаше многу.

Голем број реномирани странски компании преговараа со македонските власти и беа блиску до склучување договор, но, сепак, приватизацијата остана нереализирана. Пред осум години „Канадски пошти“ беше на чекор да се одомаќини во Македонија, но, како што тогаш пишуваа медиумите, по смената на власта во 2002 година, поранешниот директор на поштата, Таип Јакупи, не ја дозволил продажбата поради штетни одредби за државата.

На крајот на 2008 година, владата донесе одлука за приватизација, при што на продажба би се понудиле 49 проценти. По распишувањето на огласот се јавија заинтересирани компании од Хрватска, Словенија, па дури и од Германија, но без успех.

А, можеби тука се крие зајакот и решението за сите проблеми. Со приватизацијата, компанијата ќе си добие газда кој ќе се грижи за оваа институција, а со сигурност ќе биде заинтересиран да води сметка за безбедноста бидејќи стопан на парите повеќе нема да биде само  државата, туку и приватник.

Но, можеби, пак, приватизацијата се одложува со години токму за да не се дојде до решението на проблемите! По сè изгледа некому му одговара од државниот чеп и понатаму да си истекуваат пари, за кои никој не се потресува кога ќе завршат во нечиј џеб!

Рамка

КУПУВАЛЕ ОПРЕМА ПОСКАПА ЗА 62 ПАТИ

 Во пожарот, покрај материјалната штета, беше уништена и тендерска документација која требаше да го отфрли или да го потврди сомнежот за сомнителни набавки на техничка опрема.

Она, што сепак успеале да го утврдат ревизорите е дека на електронската аукција „Македонска пошта“ добила финансиска понуда од 13 илјади евра, а склучила договор за јавна набавка по цена од неверојатни 813 илјади евра.

Или избрале за 62 пати поскапа понуда!!!

Рамка

 ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ГОДИШНО СЕ ПЛАЌА АСИСТЕНЦИЈАТА ОД МВР

По многубројните грабежи, кои резултираа со одлив на милиони евра, од „Македонска пошта“ велат дека постојано работат на зголемување на безбедноста.

„Тоа за нас претставува постојана борба и нешто со кое се занимаваме постојано и секојдневно, без исклучок. Така, врз основа на елаборат за физичко и техничко обезбедување, кој е донесен во 2010 година, и постојано се обновува, постојат три нивоа на заштита. Тоа се системите за видеонадзор, сигурносните брави и заштитните решетки“, објаснуваат од „Македонски пошти“.

Оттаму додаваат дека транспортот на пари уште од 2008 година го вршат со полициска придружба.

„За оваа намена во 2013 година се издвоени 546.000 евра, а слична сума од 510.000 евра е потрошена за обезбедување и во 2012 година. Сметаме дека овие средства мора да се издвојуваат во интерес на безбедноста на транспортот на парите, но и на луѓето вклучени во целата оваа процедура“, велат од „Македонски пошти“.

Од државната компанија посочија дека со сигурност можат да ни ја дадат сумата која преку грабежи се одлеала од поштата за 2012 и 2013 година, која беше презентирана и во ревизорскиот извештај, без да ја потврдат или да ја негираат нашата пресметка. Сепак, напоменуваат дека сите кражби се во судска постапка или под ингеренции на полицијата.

Од Пошта ни одговорија и на прашањето за осигурувањето на украдените средства. Па така, во случај на кражба, осигурителната компанија го надоместувала целиот износ на парични средства.

Раководството на „Македонски пошти“ го коментира и извештајот на ДЗР, истакнувајќи дека работат на поправка на нотираните недостатоци, но напоменуваат дека извештајот, сепак, не ја нотирал целосната слика за работењето на акционерското друштво.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости