Александар Кирацовски: Јавната администрација реално брои 180.000 вработени!

Текстот е објавен на 24 февруари, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1116

Откако Зоран Заев на неодамнешниот партиски конгрес беше реизбран за лидер на СДСМ, партијата синоќа ги комплетираше партиските тела и органи, но воедно избра и нов генерален секретар. Станува збор за Александар Кирацовски, кој беше дополнителен-заменик министер за информатичко општество и администрација во преодната влада за спроведување на изборите, кога во интервју за Фокус говореше дека реалната бројка на јавниот сектор и за злоупотребите на администрацијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу другото, тој говореше за сомнителни тендери во министерството за администрација, што, според него, отвора работа за Специјалното јавно обвинителство.

Разговарал Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС Власта долги години одбиваше да соопшти прецизна бројка на вработени во јавниот сектор, па така регистрите на државни и јавни службеници до 2014 година броеја 32.000 службеници. Зошто дури минатата година министерството излезе со 3-4 пати повисока бројка од околу 128.000?

КИРАЦОВСКИ Ние како опозициски кадри сме вградени во министерствата според Пржинскиот договор, со цел да извршиме контрола врз сите финансиски, кадровски и правни прашања поврзани со изборите и контрола на сите клучни точки преку кои во изминатиов период оваа власт корумпирала избори. Петте министерства се одбрани за да се спречат сите потенцијални малверзации во овие клучни ресори преку кои власта во минатото ги лажираше изборите.

Во ова министерство клучен е токму списокот на вработени во јавниот сектор, кој министерството е должно да го обезбеди и континуирано да го ажурира. Самото мое присуство во министерството, но и јавниот притисок создаден и преку медиумите и невладините организации ја натераа власта конечно да „седне“ и да преброи колку вработени има јавниот сектор.

ФОКУС Вие лично верувате ли дека оваа бројка ја одразува реалната слика на луѓето што се на товар на централниот буџет, општинските буџети или на буџетите на јавните претпријатија, кои често се состојат од трансфери од општинските буџети?

КИРАЦОВСКИ Во списокот на вработени во јавниот сектор спаѓаат сите вработени во органите на државната управа и локалната власт, како и во сите институции од дејноста на образованието, културата, спортот, социјалната заштита, заштитата на децата, разни фондови, агенции, општините, јавните претпријатија и други институции основани согласно закон. Но, никогаш до крај нема да бидеме сигурни кој е точниот број на вработени во јавниот сектор, зашто и самата министерка, госпоѓата Марта Арсовска – Томовска, во претходниот период неколкупати изнесе различни бројки. Имено, таа во септември 2015 година излезе со првична бројка од 128.253 вработени во 1.354 институции. Само неколку месеци подоцна, поточно во февруари 2016 година, излезе со 88 институции помалку од претходниот пат и со вкупен број на вработени од 127.139, за само по еден месец повторно да излезе со нова состојба од 1.288 институции и 128.347 вработени.

Инаку, постои официјален начин на прибирање на податоците за вработените во институциите, преку Информациониот систем за управување со човечките ресурси во рамките на министерството, во кого впрочем е вграден регистарот за вработени во јавниот сектор во унифицирана форма при што секоја институција може слободно – онлајн да ги внесува податоците за вработените, односно секоја институција има обврска во одреден рок да ги внесе податоците, или во спротивно постојат казни. Сепак, кадрите на ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да ги приберат податоците на паушален начин, преку ексел табели и несоодветни формулари, преку што стигнаа до оваа бројка, која веројатно е поблизу до реалната, отколку податоците изнесени во претходниот период.

ФОКУС Врз основа на што го темелите сомнежот дека реалната бројка на буџетски службеници е многу поголема од прикажаните и имате ли информации или евентуално проценка колку навистина изнесува тој број?

КИРАЦОВСКИ Кога јавноста се интересира колкав е бројот на администрацијата или обемот на административниот апарат, всушност не мисли само на институциите што се бројат согласно закон, туку се интересира колкав е бројот и во акционерските друштва под капа на државата. Во АД со делумна, доминантна или целосна сопственост на РМ, меѓу кои се ЕЛЕМ, РЕК Битола, ТЕЦ Хеготино, Осломеј Кичево, Македонски железници, Македонски пошти и други, според мене, има 30.000 вработени и повеќе кои не се бројат во официјалниот регистар.

Дополнително, доколку во вкупниот број ги додадеме вработените во сите институции и акционерските друштва вработени преку агенциите за привремени вработувања, кои исто така изнесуваат околу 30.000, тогаш доаѓаме од една бројка од над 180.000 вработени под директно влијание на политиката.

ИМА МЕСТО ЗА СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

ФОКУС Како вие го оценувате фактот дека Македонија има 180.000 вработени во јавниот сектор, што ја прави една од државите со најмногу административци по глава на жител?

КИРАЦОВСКИ Реално, административните службеници се меѓу 40.000 и 45.000, односно оние вработени кои работат активности од административен карактер, а сите останати се даватели на јавни услуги, односно вработени во образованието, културата, спортот, социјалната заштита, јавните претпријатија и општините итн. Дали оваа бројка е поголема или не, ќе можам да ви кажам тогаш кога ќе имам можност да влезам подлабоко во системот, кој власта се уште го држи затворен. Со соодветна организација на јавниот сектор, има место за сите 180.000 вработени.

ФОКУС Меѓутоа, експертската јавност постојано критикува дека Македонија има преобемна администрација, која, според нив, е погубен концепт од економски аспект?

КИРАЦОВСКИ Ќе ви кажам еден пример. Во Фондот за здравство во Битола во една канцеларија седат повеќе вработени со педагошки факултет, додека од друга страна имаме градинки каде 30, 50 дечиња се воспитувани и негувани од само неколку негувателки и воспитувачки. Овие 2 институции би можеле да се реорганизираат и вработените од фондот, се разбира по нивна волја и желба, да се префрлат во градинките. Дополнително, во повеќе институции потребно е внесување на втора смена, на пример во катастарот, што ќе јави потреба од ангажирање на луѓе од места каде се прекубројни.

ФОКУС Ако велите дека нема превработеност во администрација, зошто тогаш луѓе седат дома и примаат плата?

КИРАЦОВСКИ Станува збор за вработени преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, односно на вработени граѓани претежно од албанска националност, кои, според информациите што ги имам, се околу 1.600 на број. Јас не се сомневам дека голем дел од нив ги имаат потребните компетенции за одредено работно место и не по своја волја седат дома. Институциите се должни час поскоро да ги стават во соодветна функција.

АДМИНИСТРАЦИЈАТА НЕ СМЕЕ ДА СЕ КОРИСТИ ВО ИЗБОРНИ ЦЕЛИ

ФОКУС Деновиве отворивте интернет-платформа, на која административците ќе можат да пријавуваат доколку некој ги уценува, им се заканува, ги злоупотребува и сл. Па, што говорат пријавите кои стасаа до вас?

КИРАЦОВСКИ Секојдневно примаме пријави за закани за губење на работното место или прераспределба на полошо работно место поради неизвршена партиска активност, учество или неучество на митинзи, протести и контрапротести. Тврдам и имам докази дека само неколку дена пред митингот на ВМРО-ДПМНЕ во салата „Борис Трајковски“ партиски шефови принудувале административци и вработени во образованието да присуствуваат на митингот за да покажат масовност. Со оглед дека власта не стои најдобро кај граѓаните, после злосторствата извршени врз граѓаните, смета дека само преку притисок може да ги оствари партиските цели.

ФОКУС Дали вашите сознанија може да потврдат дека власта практикува модел на врзани гласови, кој подразбира обврска секој административец да донесе два, пет, десет дополнителни гласачи?

КИРАЦОВСКИ Знаеме дека афери, какви што објавија новинарките на А1 телевизија, а пред извесно време беа сведоци во СЈО, ќе бидат актуелни и денес. Она што јас го добив како списоци за гласање, претставува факт дека власта единствено преку администрацијата смета дека може да го намали и ублажи изборниот пораз, зашто овие вработени ги смета за лица под своја контрола. Според последните информации, еден административец – матица треба да обезбеди 10 до 15 гласачи, кои на денот на изборите ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС Ова е казниво според Кривичниот законик во делот за изборниот криминал, но имате ли вие механизам или инструмент да го спречите тоа воопшто да се случи?

КИРАЦОВСКИ Секој притисок, закана или уцена, попречување право на глас или попречување на тајноста на гласот се казнува со најмалку 3 години казна затвор, додека за раководно лице казната е најмалку 5 години. Мојата мисија е да ги соочам сите носители на јавни функции во овие претпријатија со потенцијалната казна која би ја добиле, доколку вршат такви притисоци. Неколку инструменти ми стојат на располагање, меѓу кои соодветна пријава до Државниот управен инспекторат, Трудовата инспекција, МВР.

За многу скоро ќе ја промовирам бланко-кривичната пријава, во која ќе бидат опфатени членовите на изборниот законик со укажување што не смее еден вработен во јавниот сектор да прави во однос на изборите. Сега, граѓаните нема да бидат оставени сами на себе, но ќе треба да останат сведоци во тајност се до судското рочиште. Кривичната пријава, од моја страна, ќе му биде поднесена на секој кој ќе изврши притисок врз гласачите да не можат да го изразат реалното политичко расположение.

ФОКУС И оценувањето на административците го оценивте како форма на притисок врз вработените, но од противничкиот табор ве обвинија дека сте против секоја реформа за модернизација и унапредување на состојбите во овој сектор. Каде е тука вистината?

КИРАЦОВСКИ Власта смисли перфиден начин како да ги држи административните службеници на краток синџир и да ги контролира. Секој административен службеник на крајот на годината треба да биде оценет за работата со оценка од 1 до 5 од две страни. Едната страна е нивниот шеф, јас велам партискиот шеф кој со оценката учествува со 65 проценти. Другата страна се вработени колеги на оценуваниот, двајца на негово ниво, двајца на пониско ниво и двајца надворешни соработници кои на крајната оценка влијаат со 35 проценти. Па, ако еден службеник е оценет со оценка од 1 до 1,5 веднаш може да биде избркан од работа. Ако биде оценет од 1,6 до 2,5 ќе биде казнет со 20 отсто помала плата во наредните шест месеци. Ако биде оценет со оценка од 2,6 до 3,5 ќе биде казнет со 10 проценти од платата во наредните шест месеци. Ако биде оценет со оценка од 3,6 до 4,5 ќе биде казнет до 5 проценти од владата следните шест месеци. Оние што ќе бидат меѓу последните 5 проценти од оценуваните без разлика како ќе бидат оценети, ќе бидат казнети. Апсурдот оди дотаму што ако партискиот шеф даде оценка 1, дури и при максимална оценка од колегите, вработениот ќе има вкупна оценка од 2,4, што автоматски значи 20 проценти намалена плата во наредните 6 месеци, но уште поважно, ако истата оценка ја добие во две последователни години, може да биде избркан од работа. Ние се залагаме за афирмативно оценување кое стимулира.

МИЛИОНСКИТЕ ТЕНДЕРИ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ОТВОРААТ РАБОТА ЗА СЈО

ФОКУС Неодамна обвинивте дека од министерството се одлевале милионски суми кон компании блиски до власта на незаконски начин. За што станува збор поточно?

КИРАЦОВСКИ Околу 70 отсто од тендерите преку министерството биле наместени. Тоа се правело така што се предвидуваат услови што можат да ги исполнат само две три компании кои често настапуваат и како еден конзорциум. Доколку на тендерот се јави трета компанија која е вон „играта“ на владејачката гарнитура веднаш им се наоѓа административен пропуст за да се исфрли од игра. Истите на негативната аукција немаат потреба да намалуваат цена, со што го оштетуваат буџетот за лични лукративни цели.

ФОКУС Дали овде има работа за СЈО и очекувате ли постапка за овие тендери?

КИРАЦОВСКИ СЈО има обврска да ги работи сите предмети поврзани со аудио снимките. Се надевам дека и за реализацијата на овие тендери постои аудио разговор за да станат предмет на интерес на СЈО. Преку СЈО јавноста доби потврда за се она што лидерот на СДСМ Зоран Заев и сите ние во минатото сме го говореле. Сега е јасно кој прислушувал, кој местел судии, судски одлуки…

Притворот на градоначалникот на Битола Владимир Талески, на пример, е скромен чин на храброст на еден од судиите, но имам информација дека секојдневно судии се охрабруваат и едвај чекаат одреден предмет против власта да падне во нивните раце. Ве уверувам, за скоро време, сериозни предмети ќе стигнат во рацете на храбри судии кои секојдневно се одважуваат.

ФОКУС До каде се подготовките на СДСМ и коалицијата за претстојните избори?

КИРАЦОВСКИ СДСМ уште на конгресот во ноември 2015 ја промовираше политичката платформа на која ќе учествува на изборите, а за скоро, на 6 ноември ќе ја претставиме кадровската структура, пратеничките листи заедно со коалициските партнери. Како и секогаш, кадровски освежувања ќе има и овојпат. Нашата стратегија ја темелевме на демаскирање на митот за Груевски, Мијалков и врхушката на ДПМНЕ, што ја остваривме со „бомбите“. Вториот столб на стратегијата опфаќаше делегитимирање на власта и подигнување на нашиот кредибилитет, односно уверување на јавноста дека ДПМНЕ не е способна на ефикасен начин да ги троши нашите пари и соодветно да раководи со државата. Сега ни остана последниот чекор, на најсоодветен начин да се промовираме како идна власт и да ги увериме граѓаните дека СДСМ ги има соодветните кадри и решенија кои ќе го подобрат нивниот живот.

 

МИНИСТЕРСТВОТО ИСПРАЌАЛО СЕЛЕКТИВНИ СПИСОЦИ ДО ДИК

ФОКУС Какво е значењето и влијанието на членовите на општинските изборни комисии и избирачките одбори кои се избирираат од редот на администрацијата?

КИРАЦОВСКИ По распишувањето на изборите, Државната изборна комисија до Министерството испраќа допис со кој го бара од МИОА списокот со вработени во јавниот сектор кој министерството треба да го достави до ДИК, од кој подоцна Комисијата по случаен избор избира претставници во органите на општинските изборни комисии и во избирачките одбори. Меѓутоа, во минатото до ДИК беа испраќани селективни списоци со разлика од околу 18.000 лица помалку во споредба реалната бројка на вработени. На пример, во 2013 година до ДИК биле испратени само 70.782 вработени а требало 89.483 вработени. После моите укажувања, денес до ДИК се испратени околу 110.000 вработени. Значи, ВМРО-ДПМНЕ извршило селекција на кадри за кои сметале дека ќе им бидат во полза во изборниот циклус.

 

ЌЕ ГИ СУБВЕНЦИОНИРАМЕ АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ КОИ ЌЕ ЗАМИНАТ ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР

ФОКУС Колку товар кон остварување на вашата визија за администрацијата ви претставуваат некогашната изјава на Зоран Заев дека кога СДСМ ќе дојде на власт ќе брка луѓе од администрацијата?

КИРАЦОВСКИ СДСМ никогаш нема да се дрзне да отпушти кој било од работа и да му ја укине егзистенцијата. Лично ќе се погрижам влакно да не му фали на никој во јавниот сектор. Нашата замисла е приватниот да го направиме поатрактивен од јавниот сектор, па во таа насока предлагаме просечна плата од 500 евра, минимална плата од 12.000 денари или 16.000 денари на крајот на мандатот. Предвидуваме дотур на финансиски средства од буџетот од 22 милиони евра годишно кон фирмите за стимулирање на нови работни места, како и 50 милиони евра во бизнисот за нови проекти, развој, производство, што ќе придонесе да се зголеми атрактивноста на приватниот сектор, вработените од администрацијата доброволно да преминуваат во приватниот сектор. Дополнително, тие би добиле и стимулација од 100 евра дополнително.