Украинскиот претседател Володомир Зеленски во денешното обраќање преку видео-линк на НАТО Самитот во Брисел ја обвини Русија дека при инвазијата на неговата земја употребила фосфорни бомби.
-Повторно, деца умираат, луѓе умираат, изјави тој пред лидерите на шефовите на држави или влади од земјите-членки на НАТО.
Зеленски вели дека од самиот почеток барал воздушна поддршка „за да помогне во заштитата на нашето небо“, бидејќи Украина нема моќна противвоздушна одбрана. Тој тврди дека Русија користи оружје за масовно уништување и дека последиците јасно се гледаат.
-Ние сме под нееднакви услови повеќе од еден месец, рече тој, повторно барајќи воена поддршка без ограничување со цел да се спасат народот и градовите во Украина.
Зеленски изјави дека Русија го користи целиот свој арсенал без ограничувања – таргетирајќи станбени квартови, болници и мостови.
-Досега Украина не добила ниту еден авион, потенцираше Зеленски.
Тој, исто така, вели дека апелирал за тенкови – „дајте ни ги, продадете ни ги“ – но допрва треба да добие јасен одговор за нив од членките на НАТО.
-Украина не сака да војува со години. Ние едноставно сакаме да преживееме, да го спасиме нашиот народ – вели тој.
Но, тој појаснува дека не го обвинува НАТО.
-Не се нивните проектили кои уништуваат градови. Алијансата сепак може да помогне да се избегнат понатамошни смртни случаи со тоа што ќе и обезбеди повеќе муниција на Украина. Се работи за живот или смрт – вели тој.
Зеленски истакна дека чувствува дека неговата земја е фатена во „некоја сива зона меѓу Западот и Русија“, бидејќи се уште не е дел од Алијансата, но „ги брани заедничките вредности“.
– Изминатиот месец беше месец на „херојска одбрана“ и „ужасен мрачен месец на уништување“ – порача тој.