На судењето за „Организаторите на 27 април“ денеска во Кривичниот суд сведочеше поранешниот републички јавен обвинител Марко Зврлевски. Тој на прашање на одбраната рече дека ги познава обвинетите.
– Со Владимир Атанасовски се имам сретнато само службено, но точно кога не се сеќавам. Причина за средбата бил службена, додека обвинетиот бил директор на Агенција за финансиско разузнавање. Друга посебна средба, ниту приватна, ниту службена не сум имал, изјави Зврлевски.
Поранешниот обвинител беше повикан да сведочи на барање на екс директорот на УБК, Атанасовски.
Тој беше споменуван од Александар Василевски Нинџа дека имале средби со Атанасовски, но и дека Зврлевски бил меѓу истакнатите функционери кои вечерта на 27 април 2017 биле во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Но за оваа околност тој не доби прашање ниту од одбраната, ниту од Обвинителството.
Пред сослушувањето на вториот сведок, Судот на барање на одбраната ја исклучи јавноста, бидејќи станува збор за поранешен вработен во УБК.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Следното рочиште е закажано за 18 март.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.