Ѕвездите се криви!

by Фокус

А на Зеленски дефинитивно не му е гајле за украинскиот народ со кој владее. Тој единствено копнее по својата замислена историска улога на војсководец што ја победил Русија. Го попари, го уништи својот народ, барајќи од него да издржи со нов повик до младите работоспособни мажи да ги пополнат „испразнетите“ места во војската. Не се знае бројот на војниците што се загинати во воените операции. Се бројат само цивилите.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Е, нема што друго! – Ѕвездите се криви! Така терсене се распоредиле на небото што сите лидери што владеат со земјите на планетава, особено оние од поголемите и помоќни држави, дефинитивно се откачени, одлепени, им лета паметот и си играат со иднината на човештвото… без задршка, без трошка здрав разум!

Но, по сѐ изгледа некој, сепак, имал колку-толку здрав разум. А тоа се американските граѓани, кои на последниве избори масовно им ја откажаа поддршката на демократите, кои толку забегаа со „милосрдието“ кон Украина, што се подготвени да го запалат светот, дозволувајќи му на Зеленски да си поигра со играчките со висок дострел.

Да ми речеше некој пред четири години дека јас со мојата левичарска ориентација ќе се „преориентирам“ и ќе дојдам до тоа дереџе да почнам да се крстам во разбушавениот Трамп, ќе му речев во стилот на Трамп – глупак!

Добро, можеби се фаќам за сламка, за изјавата на Трамп од предизборието дека кога ќе дојде на власт, ќе ја заврши војната во Украина за „24 часа“. Но, тоа е тоа. Ја сфаќам симболиката и таа ми годи. Му верувам.

НА ЗЕЛЕНСКИ НЕ МУ Е ГАЈЛЕ

Но, оној скромниот, тивкиот, благородниот Бајден, како што тргнал, сега на крајот од мандатот реши да пукне со заглавениот куршум во пушката и да направи голема светска беља.

Имам големи симпатии кон Украина. Сочувствувам со оној јаден украински народ, кој по секоја цена се бори за својата слобода и територијална независност. Но, цената веќе станува преголема, како за украинскиот народ така и за другите народи од околните земји, кои лесно можат да бидат вовлечени во една општа тепачка, најпрвин на евроазиските простори, а потоа и низ целиот свет.

А на Зеленски дефинитивно не му е гајле за украинскиот народ со кој владее. Тој единствено копнее по својата замислена историска улога на војсководец што ја победил Русија. Го попари, го уништи својот народ барајќи од него да издржи со нов повик до младите работоспособни мажи да ги пополнат „испразнетите“ места во војската.

Не се знае бројот на војниците што се загинати во воените операции. Се бројат само цивилите. Милиони Украинци ја напуштија земјата, не зашто не си ја сакаат татковината туку зашто знаеја дека кога ќе удри шепата на руската мечка спасот не може да дојде преку воено-теренска надмоќ на Украина, па таман цел свет да истура неброено оружје, опрема, ракети, дронови.

А, добро се знае дека сета таа морбидна игранка на крај ќе мора да заврши со мир договорен на зелена маса. Но, Зеленски не прифаќаше никакви разговори за мир со помош на западните претставници доколку и Русија седи на зелената маса. На крај неговите молешници до Америка вродија со плод.

Според мене, опасно горчлив, отровен плод. Бајден ја активираше одлуката со која на Украина ѝ се дозволува да ги користи американските ракети со долг дострел кои можат да продрат длабоко во територијата на Русија.

ТРАМП СО ЖЕЖОК КОСТЕН ВО РАКА

Европа збунета. Сега засега само германскиот канцелар Шолц категорично изјави дека нема да ја опремува Украина со ракетите „Таурус“ со долг дострел од германско производство. Франција преку портпаролската служба потсети дека таа од порано има решено да ѝ отстапи свои ракети со долг дострел на Украина, но како да се колеба, па избегнува прецизно да се изјасни.

Порано, си е за порано, а сега како е? Каков ќе биде нивниот став? Источните Европејци мудро молчат, барем досега. Тие најдобро знаат како изгледа кога ќе нагази руската чизма. Но, за разлика од Украина на Зеленски, тие на времето беа стрпливи и чекаа ѕвездите да се наместат, па да се појави некој Горбачов и да се урне берлинскиот ѕид сам од себе, без жртви и крвопролевање.

Пустиот Трамп. Таман застанав на негова страна, Бајден му го турна столчето оставајќи му ја Америка со жешкиот костен в рака, покосена и ранлива како држава која на мала врата практично влезе во војна со Русија.

Како што стојат сега работите Трамп тешко дека ќе може да успее да ја прекине војната во Украина како што ветуваше – брзо и со некој разумен мир.

За жал, ќе мора да се согласам со мислењето на еден од бившите премиери на Франција кој прогнозира дека војната ќе заврши со капитулација на Украина. Како сака нека биде, само да заврши што побргу зашто светов е на работ на нуклеарна катастрофа. Ме плаши Русија на Путин.

Поврзани новости