Популарните регионални музички шоу програми ,,Ѕвездите на Гранд” и ,,Никогаш не е доцна”, по пауза од околу шест недели, повторно се вратија во етер. Но, наместо на Канал 5 телевизија, како во минатото, тие се емитуваат на Сител телевизија.
Емисиите имаат голем број на гледачи од земјава, и во периодот кога беше прекинато нивното емитување следеа бурни реакции.
Која е причината за промената на фреквенцијата, официјално не беше соопштено, но како што објави музичкиот портал Музика24, директорот на Канал 5 ТВ, Иван Мирчевски, изјавил дека Гранд Продукција нелегално им го раскинале договорот.
-,,Ѕвездите на Гранд” е еден поголем проект со Гранд Продукција во Србија, каде што тие први ни го раскинуваат договорот, нелегално и бесправно без да почитуваат ниту една точна од истиот, што значи дека од формален аспект за нас е валиден тој заеднички потпишан договор.
Причината за тоа е следна, ние нив ги фативме како нелегално ја ре-емитуваат програмата на Канал 5 ТВ надвор од Македонија, меѓу кои и нивната сопствена програма која што пак во договорот со нас ни забрануваат да ја емитуваме надвор од Македонија, што е правна нелогика.
Јас лично им пишав дека вака не иде, а тие си молчеа. Ние од Канал 5 ги снимавме со нотарски записи и имаме 21 нотарски запис со помош на Ви-Пи-Ен од 21 европска земја, Америка, Австралија, Франција, Германија… каде што ги ре-емитуваат не само Канал 5, туку ги ре-емитуваат и сите останати македонски национални телевизии со кои што воопшто немаат договор-изјавил Мирчевски за Музика24.
Во разговорот за музичкиот портал, тој вели дека емисиите наскоро ќе се емитувале на друга национална телевизија (веќе започнаа со емитување на Сител), и истата ја предупредил, бидејќи во емисиите учествуваат македонски изведувачи кои веќе потпишале договор дека ќе се емитуваат на Канал 5 ТВ. Тој најави и кривични пријави.
Вики Клинчарова