Општина Аеродром на градежната компанија ЗСФ-КОМ на бизнисменот Фатмир Етеми, му исплатила над 20 милиони денари или околу 330.000 евра на крајот на февруари по основ на експропријација на земјиште.
„Средствата кои Општина Аеродром ги има исплатено на компанијата ЗСФ-КОМ се исплатени по основ на претходно склучен договор од претходната општинска администрација и градоначалникот Златко Марин. Станува збор за склучена спогодба во постапка за експропријација на земјиште пред МФ-УИПР Кисела Вода, за кој Општината имала законска и договорна обврска да го исплати“, велат од Општина Аеродром за Фактор.
Инаку, оваа општина сега раководена од Тимчо Муцунски ќе прави паркинг-простор за 56 возила зад Ортопедската клиника за деца на локација меѓу домот и веќе постоечкиот зонски паркинг, односно зад зградата на ЗСФ-КОМ на Етеми, кој периодов беше актуелен откако се дозна дека приватизирал градежно земјиште во Центар за 7 евра по квадрат.