Молкот од власта за набавката на пченица по цена 25 проценти поскапа од берзанската само го потврдува сомнежот за сериозен криминал, изјави Цветан Трипуновски, претседател на Комисијата за земјоделство во ВМРО-ДПМНЕ. Според него, молкот дополнително го отвора прашањето зошто Владата преку Агенцијата за стокови резерви купува пченица имајќи во предвид дека цела Влада само неколку месеци претходно не убедуваше дека нема простор за паника.
-Љупчо Николовски и Димитар Ковачевски бесрамно молчат и не одговараат пред јавноста зошто Агенцијата за стокови резерви преку два тендери набавила 20.000 тони пченица, и истата се плаќа дури до 27 денари по килограм, односно 6 денари поскапо од тоа што се тргува на регионалните берзи во моментот – рече Трипуновски.
Тој посочува дека Агенцијата склучува два договори во вредност од 4.4 милиони евра, за набавка на 10.000 тони, едниот со фирмата Агроглобал трејд од Скопје, а другиот со Кокра Е Арт од Тетово.
-Само месец и половина подоцна, односно на 04.10.2022 година, Агенцијата повторно склучува договор со фирмата Кокра Е Арт од Тетово, за набавка на 5.000 тони пченица, овој пат за сума од 2.1 милиони евра, а само два дена подоцна на 06.10.2022 година склучува уште еден договор за набавка на 5.000 тони пченица во вредност од 2.2 милиони евра, со фирмата Млин Аргулица од Карбинци – рече Трипуновски.
Наместо во услови на криза да заштеди, додава тој, владата се расфрла со парите на граѓаните, кои што можеле да бидат заштедени доколку, според него, власта набавеше пченица по берзанска цена.