Зошто висат лиценците на 8 компании за струја?

Освен за У Повер, и за Мист Енерџи е покрената постапка за одземање на дозволата. Двете друштва не ги испорачале договорените количини кон потрошувачите, па разликата морало да се покрива од резервите. И други компании се под ризик...

by fokus

У-Повер на синот на поранешниот вицепремиер Муса Џафери-Аријанит Џафери, кој заработи кривична пријава за напад врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, не е единствената компанија за трговија со електрична енергија против која се води постапка за одземање на лиценцата за работа.

Според информации од регулаторот, во овој период од 3 месеци неколку компании за трговија со струја се соочиле со потешкотии при реализација на договорите со коминтентите за снабдување со електрична енергија, кои морале да се покриваат од резервите што ги чува државната компанија МЕПСО.

Затоа, АД МЕПСО упатила известувања до РКЕ дека струјата што овие компании требало да им ја испорачаат на потрошувачите со кои имале договор, ама не ја испорачале бидејќи не ја набавиле во доволни количини, се покривала од системските резерви што ги чува МЕПСО, односно резервите во хидроелектраните.

Така, регулаторот покренал постапка за одземање на лиценците на одредени компании, што, истакнуваат од таму, не значи дека на крајот и ќе се случи ако во меѓувреме тие го коригираат нивното однесување, односно почнат да ги почитуваат договорите.

СКОК НА ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА

Инаку, проблемот настана поради тоа што овие компании имаат склучено повеќегодишни договори за испорака на струја по една цена по киловат час, со калкулации и проценки направени во време на склучување на договорот, додека оттогаш наваму берзанската цена на струјата поскапе за дури 100 отсто.

Ваквата ситуација финансиски ги ослабе компаниите, меѓутоа, како што неофицијално дознаваме, дел од нив почнуваат да се приспособуваат на ситуацијата и се обидуваат да ги репрограмираат договорите со потрошувачите согласно моменталната состојба на пазарот.

Меѓу нив е и споменатата У-Повер на Џафери. Како што своевремено пишуваше неделникот Фокус, негов партнер е синот на газдата на тетовската градежна фирма АК-Инвест, која, пак, поседува и две мали хидроцентрали.

Откако ги доби потребните лиценци, нивната компанија почна да добива и државни тендери. Само во последните 12 месеци, У Повер склучил 20 договори за јавна набавка, од кои најголем е оној со Град Скопје во износ од 67,5 милиони денари, по што следува тендерот од Општина Центар од 40 милиони денари итн.

Финансиските извештаи на друштвото, пак, откриваат дека ланската 2020 година фирмата ја завршила со приходи од 520 милиони денари и добивка од над 62 милиони денари. Патем, има драстичен пораст и кај приходите и добивката во споредба со претходната 2019 година, кога приходите биле 213, а добивката била 16 милиони денари.

ЗА КОИ ДРУГИ КОМПАНИИ СТАНУВА ЗБОР?

Исто така, од РКЕ посочуваат дека отвориле постапка за одземање на лиценцата и на Мист Енерџи,  бидејќи и оваа компанија навремено и целосно не ги обезбедила количините на електрична енергија за кои имаат склучено договори со потрошувачите и воедно не постапиле во целост по претходно доставените мерки до нив за усогласување на работењето.

Не купиле електрична енергија навреме и сега кога цените на берзите се зголемија, количините кои им недостигаат ги надополнувале од резервите на МЕПСО“, објаснуваат од РКЕ, додавајќи дека оваа струја од механизмот за балансирање е поевтина од берзанската цена, со што двете компании ја нарушиле конкуренцијата и ја загрозиле стабилноста на електроенергетскиот систем.

Воедно, РКЕ побарала Енергија Гас енд Пауер да достави докази дека ја има обезбедено потребната количина на електрична енергија за потрошувачите, додека истовремено им наложила на Соларопро Холдинг, Вангард и Енерџи Активе точно и целосно да ги информираат потрошувачите за нивните права и обврски.

Имено, Комисијата утврдила половично информирање и обиди за манипулација од страна на овие снабдувачите кон нивните потрошувачи, така што некои снабдувачи почнале да ги раскинуваат договорите со домашните компании, министерства, јавни претпријатија и други установи пред време и се обиделе да им фактурираат по нови цени.

Преку донесените закони и правилници потрошувачите се заштитени и снабдувачот не смее да им ја промени цената од договорот додека трае периодот на промена на снабдувач, односно додека не склучи нов договор“, истакнуваат од РКЕ, посочувајќи дека има индиции за прекршувања и отстапувања за уште две компании, меѓутоа за нив допрва ќе се формираат постапки.

Влатко Стојановски

Поврзани новости