Некогашниот министер и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, изминатиов викенд го посетил поранешниот партиски лидер и премиер Никола Груевски во Будимпешта, каде Груевски доби азил откако ја напушти државава во време кога требаше да почне да одлежува затворска казна, неофицијално дознава Фокус.
Досега, не добивме одговор од Тодоров за причините и целите на оваа посета на Груевски, која се случува во време кога поранешни партиски и јавни функционери закажаа Конгрес за смена на актуелниот партиски лидер Христијан Мицкоски, што првично требаше да се одржи на 28 март, меѓутоа денеска беше одложен поради ситуацијата со корона вирусот.
Инаку, Тодоров јавно го поддржа процесот за промени во опозициската партија, во кој активно беше вклучен и поранешниот шеф на тајната полиција и прв братучед на Груевски – Сашо Мијалков. Според Тодоров, партијата на чело со Мицкоски никогаш не може да го победи СДСМ.
„Неговата поддршка е забетонирана ниско, далеку пониско од вкупниот рејтинг на партијата, па не само што како лидер нема додадена вредност за партијата туку како тег ја влече надоле“, напиша Тодоров во една од последните колумни.
Во меѓувреме, тој беше еден од ретките од десницата, што веднаш ја поддржа идејата на премиерот Зоран Заев за формирање на широка владина коалиција во која би партиципирале и СДСМ и ВМРО, врз основа на застапеноста во парламентот.
„Сега е момент на обединување во рамки на ВМРО, а потоа и помирување на македонската нација, со активно учество на ВМРО во тоа. Ако ВМРО не учествува во ова, пропаѓањето ќе продолжи, иселувањето ќе продолжи и на крај ќе ја изгубиме државата целосно. Наша обврска е на историјата да и погледнеме во очи и да ја преземеме нашата одговорност“, рече Тодоров.
Како што е познато, Тодоров важи за близок пријател со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој веќе пројави амбиција да се кандидира за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за најновиот број на неделникот Фокус, Јанчев вели дека еден од проблемите во односите меѓу него, додека беше потпретседател на ДПМНЕ, и Мицкоски од друга страна, била токму неговата комуникација со Тодоров.
-Постоеше проблем и поради мојата комуникација со дел од претходното раководство на партијата. Тоа се видни и угледни луѓе, но ми беше укажувано да се тргнам од нив. Луѓе како Никола Тодоров и некои други. Им пречеа тие луѓе, но на Мицкоски најмногу му пречеше мојата флексибилност и објективност при извршувањето на градоначалничката функција. Јас тука локално направив коалиција со СДСМ затоа што имам опозиција во Советот – рече Јанчев.
Во однос на прашањето дали Груевски се уште остварува влијание во ВМРО-ДПМНЕ, Јанчев изјави: „Дека има влијание – има. Партијата уште си ја чувствува како негова партија, но дали има директна или индиректна комуникација со Мицкоски не можам да кажам зашто немам таква информација“.
Откога замина во Будимпешта, Груевски преку фејсбук често се осврнува на предметите покренати од некогашното СЈО и на други прашања, меѓутоа ниту еднаш не се произнел во контекст на внатрепартиските случувања во неговата матична партија.
Влатко Стојановски